Прво и најважно: Изградбата на браната Kнежево и хидросистемот Злетовица се најголемиот проект во Источна Македонија последниве 40 години, а меѓу најголемите проекти последниве 20 години во независна Македонија. Тоа е направено од оваа влада, од оваа генерација и тоа ќе остане запишано. Ќе се користи следните 100 години и цела Источна Македонија ќе има огромна корист од овој проект.
Прв пат отидов на браната „Злетовица - Kнежево“ во 2006 година. Почнуваа работите и се ставаше камен-темелник. Почна минирањето на земјиштето, се донесоа градежните машини, нацртите беа готови. Kога видов колку е голем проектот, се загрижив дека можеби изградбата ќе трае 10 или 20 години. Такви искуства имаше многу. Се почнуваа проекти, а потоа се оставаше да не бидат довршени. Се наоѓаа изговори и објаснувања.
Браната „Лисиче“ во Велес се градеше 20 години. Стадионот во Скопје имаше само една завршена трибина, а потоа се остави 20 години без да се допре. Се почна пругата спрема Бугарија и останаа само столбови од 50 метри. Kоридорот 10 север - југ со децении не се доврши. Беше сопрена изградбата на салата „Борис Трајковски“.
Сето тоа беа симболи на половична, незавршена работа, неисполнети ветувања, неспособност да се заврши работата докрај. Тоа стана некој вид правило, навика, предвидлив исход кога станува збор за големите проекти. И, таа мисла ме мачеше кога се враќав од церемонијата во 2006 година: дали и кога ќе се заврши проектот?
И, деновиве, минатата сабота, на 26.1.2013 година, беше церемонијата за завршување на браната Злетовица - Kнежево. Браната е готова, направена, завршена, изградена. Се заврши огромна, навистина огромна работа. Браната е голема и претставува цела планина од бетон, камења, песок, железо и градежни материјали.
Сето тоа едноставно мора да се види за да се сфати за колку голем потфат станува збор. Прво, за да се стигне до браната мораше да се направи 20 километри пристапен пат. Цели 20 километри низ вонредно тежок терен, низ клисура, со планина од двете страни. Мораа да се рушат и минираат карпи што беа големи 20-30 метри. Сето тоа мораше да се направи како предуслов камионите, автобусите со работници и градежните машини да имаат пристап до градилиштето на браната. Kога се вози по патот не може да не се мисли на тие што го изградиле сето тоа.
После 20 километри пат меѓу планини, се доаѓа до самата брана. И денес се гледа дека тоа било едно огромно градилиште, исто така на прилично тежок терен. Поради интензитетот на градење, мораше да се направат повеќе од 20 бараки за сместување на работниците кои работеа на браната. Поголемите бараки имаа капацитет за спиење на 20 работници, а помалите за 10-12. Во секој момент во тие бараки со месеци престојуваа од 200 до 300 работници, кои ротираа во нивниот ангажман. Сето тоа зборува за енормно големиот потфат.
Дополнително, таму се направи амбуланта, како и опремени канцеларии на надзорот, инженерите и целиот пропратен персонал. Паркиралишта за автобусите и камионите, санитарии, довод на струја, транспорт на храна и вода, чуварска служба, кооперанти, дејности за поддршка, инсталирање на опремата, кранови и железарија.
Браната Злетовица-Kнежево се градеше како потфатите на „Мегапроекти“ кои ги гледаме на Дискавери. Европејците и Американците знаат како тоа да го снимат, како од тоа да направат возбудлива приказна и како да го раскажат градењето на некој проект. А кај нас, кај нас некако недоволно се раскажа големината на целиот потфат затоа што Злетовица е некако далеку, надвор од некој поголем град, но сепак останува фактот дека се изгради и заврши.
Пред помалку од две години во „Дневник“ пишував за завршениот хидросостем „Лисиче“, кој се градеше претходните 20 години, но најавив и привршување на хидросистемот Злетовица. Денес и Злетовица е готова и се полни езерото со водата од реката. Останува да се направат цевководите, како и хидроцентралите. Заврши изградбата на првата камено-насипна брана со асфалт-бетонско јадро на Балканот. Во браната е вграден материјали од 1,5 милиони кубни метри. На нешто помалку од 20 километри од Злетово, заврши градбата на брана висока 75 метри, во основа 300 метри. Браната акумулира 23.5 милиони кубни метри вода во акумулациониот простор од 75 хектари со кој браната и ќе располага.
Да, овие бројки треба 2 – 3 пати да се прочитаат: висина од 75 метри (како зграда од 30 катови), во основа од цели 300 метри. На тој начин ќе се обезбеди трајно решение за водоснабдувањето на шест општини во источниот регион и тоа: Пробиштип, Kратово, Штип, Св. Николе, Лозово и Kарбинци со околу 110 000 жители. Злетовица ќе испорачува 900 литри вода во секунда и ќе значи живот за регион кој има голем проблем со малиот број на врнежи од околу 500 милиметри годишно по квадратен метар. Плус, ќе значи и наводнување на 3.500 хектари земјоделски површини.
Заедно со изградбата на браната, течеше изградбата на цевководот во должина од 85 километри. За време на изградбата немаше ниту еден загинат поради професионалноста, сигурноста и безбедноста. Изградбата на браната значеше работа за илјадници работници, вработени во „Пелагонија“, конзорциумот „Бетон“ – „Гранит“, Фабриката за заварување на цевки, „Силекс“, „Искра системи“ и цела низа на помали субјекти.
Затоа, сето ова треба достојно да се одбележи и забележи. Попуста е голата политичка реторика без конкретни дела. Цели 30 години никој не се нафаќаше да ја почне изградбата на проектот Злетовица затоа што беше крајно неизвесно дали воопшто ќе се заврши браната. Денес, после 5 години браната е завршена. Делата остануваат.
Влатко ЃОРЧЕВ www.dnevnik.com.mk