Филозофијата, економијата, информатиката, историјата и социологијата очигледно им се омилени предмети на матурантите, кога треба да покажат креативност и сопствен став за одредено прашање. Токму теми од овие области се најмногу застапени во проектните задачи што учениците ги работат како дел од државната матура. Во повеќето средни училишта овој дел од матурата е во завршна фаза, односно учениците веќе ги бранат темите пред училишните комисии. Напишаната тема или проблем од некој предмет треба да знаат и да го презентираат умешно и јасно бидејќи и тоа носи поени за конечната оценка. Во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ ни дозволија да ѕирнеме во досието за годинашните проектни задачи. „Kои се придобивките од членството на Македонија во ЕУ“, „Ај-пи телевизија“, „Јавен долг“, „Св. Kлимент Охридски“, „Kонцептот на мотивацијата“, се само дел од темите што матурантите ги пријавиле годинава.
Никола Терзитанов, професор по француски јазик и одговорен за државната матура во ова училиште, објаснува дека проектната задача учениците ја сфаќаат мошне сериозно и им е еден од омилените сегменти од државната матура. Терзитанов вели дека учениците имаат слобода во изборот на темата што ја работат, но се консултираат со наставниците кога им треба помош. Секој треба да сработи различна тема.
- Kај нас, учениците најчесто избираат теми од општествените науки. Има од економија, менаџмент, социологија, филозофија, а помалку од јазиците, биологија, физика и математика. Всушност с` зависи од афинитетите и интересот на учениците. Темата треба да им е привлечна за да можат да истражуваат. Најчесто користат материјали од интернет и стручна литература - вели Терзитанов.
И во скопското училиште „Kочо Рацин“ повеќето матуранти избрале теми од општествените науки.
- Имаме теми од економските групи предмети, социологија, филозофија, етика. Повеќето се од општествените науки - вели директорот Величе Цветановски.
Професорите и директорите со кои разговаравме уверуваат дека проектната задача не е само формалност, туку важен и корисен проект за учениците.
Директорот на средното медицинско училиште „Панче Kараѓозов“, Марјан Алабаковски, вели дека кај нив 70 отсто од проектните задачи се завршени и одбранети пред комисиите.
- Учениците се трудат премногу за оваа обврска и секогаш не изненадуваат позитивно. Има проектни задачи направени одлично и никако не се само про форма. Годинава учениците имаа обврска да направат и пауерпоинт-презентација за темата што ја работеле, што дополнително го крена нивото на проектните задачи - вели Алабаковски.
Професор Терзитанов исто така смета дека проектната задача не е залуден труд.
- Учениците избираат проблематика и навистина се трудат да истражат за неа, да дадат свое мислење и секако сето тоа да го презентираат пред публика. Ова е еднакво важен дел од државната матура, но е помалку стресен од тестирањето, особено по екстерните предмети - вели Терзитанов.
Милена Атанасоска Манасиева
www.dnevnik.com.mk