Во Пробиштип викендов се одржа трибина на која беше презентирана „Студијата за валоризација со предлог за формирање заштитен предел – Осоговски Планини“ и беа разгледани потенцијалите и можностите за развој на регионот во рамките на предлог заштитеното подрачје.
Во разговорот со Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање ја прашавме дали студијата за Осогово на која се работеше во изминатите неколку години ги дава конкретните цели ?
„На Студијата се работеше долги години. Ниту еден документ не е до крај совршен, меѓутоа преставува добра основа и база на кој во наредниот период можеме да ги развиваме планските и стратешките документи за одредување на формата за прогласување и управување со ова подрачје. Во студијата се согледани очекувањата, предностите, но и она што евентуално би можело да се загуби во целиот овој процес. Мене, како државен секретар и како претседател на централната комисија, ми беше битно да ја слушнам и другата страна, која досега поради субјективни и објективни причини во минатиот период не учествуваа во работата на ваквите трибини кои се одржаа во неколку наврати. За прв пат на трибината, што се одржа на 16 февруари во Пробиштип, присуствуваа сите градоначалници од општините од Осоговскиот регион, но и експерти и преставници од бизнис заедницата кои се исто така важен фактор во оформувањето на еден ваков стратешки значаен проект. Мене посебно ме радува што во расправата се вклучи и локалното население кое го кажа своето мислење како тие го гледаат развојот на регионот во иднина. Нашата заложба е на ваквите трибини да ги сослушаме дискусиите од сите учесници, без да влијаеме со било какви сугестии, за да во наредниот период направиме дополнителни анализи пред да се донесе конечната одлука“, одговори Лепиткова.
На прашањето: Осогово е заштитено подрачје од петта категорија, што ќе значи ова за регионот, општините и населението, Лепкова истакна: „Ќе значи многу. Како прво Осогово ќе влезе во светската евиденција. За Осоговието ќе се зборува многу повеќе. Како вулканско подрачје ќе биде многу по препознатливо. Во студијата се претставени резултатите од досегашните истражувачки активности кои покажаа мошне разновидна форма од животинска и растителна разнообразност од организми за кои досега не сме ни знаеле дека постојат на овие простори, а дел од нив се ендемски и на светски рамки. Ги има само тука и никаде на друго место. Во иднина треба да размислуваме дека ваквата симбиоза на заедничко живеење и опстојување ни овозможува и нам, на лугето, квалитетен живот. Можно е во иднина да се работи на организирање на еден посебен вид туризам со кој дел од нашето население ќе може да се врати на своите родни огништа за да може и да го промовира овој вид туризам.
Заштитено подрачје од 5-та категорија не е некоја висока форма на заштитеност. Ова нема да значи некоја форма на строга заштита на ова подрачје, туку само ќе се внимава на билошката и пределската разновидност. Ќе има само две посебни зони. Едната е локалитетот Раткова скала и едно подрачје на високо стеблести шуми, а другата зона ќе биде зона на активно управување, каде населението и останатите чинители ќе може да управуваат да стопанисуваат, да истражуваат, да развиваат нови форми на туризам на земјоделсккии активности. Станува збор за форма која во Македонија се уште не е доволно позната.“
Лепиткова додаде дека за согледувањата од досегашните активности на трибината биле покренати неколку битни прашања, како што се слабата населеност на регионот Осогово, едуцираноста на месното население да може да работи на вакви проекти, формата на заштитата и како што беше кажано и во дискусијата на преставникот од ЈП Македонски шуми да се внимава со менаџирањето и стопанисувањето со шумскиот фонд од ова подрачје кое ќе биде опфатено со проектот.
Засега Македонски шуми во своите подружници од овој регион работат со загуба, при што се принудени да се покриват со позитивното работење во останатите подрачни единици во другите региони во државата. Лепиткова вели дека ова е мошне важен податок кој е потребно да се има во предвид за да се донесе корисно решение, и кога ќе биде во фаза на финализација, пред да биде доставен завршниот документ до Владата на РМ, ќе има уште една трибина со граѓаните на Пробиштип на која ќе бидат изнесени и конечните согледувања и заклучоци во делот на управувањето со ова подрачје.
Таа рече дека забелешки од бизнис секторот, кој стопанисува со издадени концесии за стопанисување со минералните сировини на овој регион имало, но не од сите. Многу важен аспект е тоа што го кажал Прохоров како преставник од рудникот Саса од Македонска Каменица, дека миниралните ресурси се нешто што има своја ограничена експлотација. Лепиткова потенцираше дека новите форми на истражувања можеби ќе покажат присуство и на нови минерали и елементи кои ќе бидат предмет на заинтересираност.
Лепиткова очекува до крајот на оваа 2013 година да ги имаат содржините од поголемиот дел од потребните анализи по кој ќе следува и доставување на предлогот до Владата, која ќе го има и конечниот збор околу ваквата иницијатива, дел од Осоговието да биде прогласено за заштитено подрачје.