Во најголемата населба во Пробиштип, на барање на граѓаните се гради големо детско игралиште. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, вели дека средствата од 1.800.000 денари се обезбедени од буџетот на општината.
- На просторот на новото детско игралиште ќе има поставено реквизити за најмалите, исто така и клупи за одмарање на повозрасните лица, ќе имаме и изградба на пешачки патеки од околу 250м2, како и изградба на потпорни ѕидови. Со тоа ќе биде разубавен овој дел, од веќе постоечкото игралиште во населбата Карпош, вели Тоневски.
Во оваа населба има најмногу станбени згради и најголема фреквенција од деца, на кои им треба простор за играње. Пробиштип во текот на наредниот период планира да постави и детски реквизити во новиот Градски парк, а до крајот на годината ќе се реконструира и старото детско игралиште, кое се наоѓа во близина на Полициската станица.