Во Општина Пробиштип интензивно се градат нови улици и локални патишта до селата во должина од 10 километри, а инвестицијата изнесува околу 52 милиони денари.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски вели дека почната е изградбата на локалниот пат до Старо Калниште во должина од околу еден километар, кој води и до манастирот „Свети Илија“. Овој пат согласно договорот изведувачот треба да го направи до празникот Илинден кога пробиштипјани ја посетуваат и оваа црква. Вредноста на проект е 3,5 милиони денари.
– Во Пробиштип во моментов има голема градежна експанзија во делот на асфалтирање на улици. Ние со најголем интензитет работиме на асфалтирање на улиците во населбата „Камењар“. Таму со проектот имаме опфатено улици во должина од 4.000 метри. Вкупната инвестиција на овој проект, кој што е финансиран целосно од Општина Пробиштип и е околу 27 милиони денари, вели Тоневски.
Тој додаде дека веќе се склучени и договори за реконструкции на улиците „Тодор Александров“, „Ливашница“, потоа асфалтирање на улици во новата Индустриска зона „Неокази“ , изградба на паркинг простор во центарот на градот.
– Во моментов течат и неколку други тендери за асфалтирање на улици, а тоа е на улицата „Јосиф Даскалов“, вредноста на овој проект е околу 5,5 милиони денари. Во наредниот период очекуваме да добиеме одобрение за распишување на тендерот од Светска банка за реконструкција на улицата „11 ти Октомври“, како и улицата „Гоце Делчев“. Тоа се улици кои се во централното градско подрачје и се најгусто населени и ние како локална самоуправа цениме дека тие имаат приоритет за оваа година, вели Тоневски.
Тој забележа дека во моментов се гради и локалниот пат до селото Јамниште, а средствата за реализација на проектот се добиени од Агенцијата за рурален развој.