Малкумина знаат, и тоа претежно од постарата генерација, дека пред повеќе од дваесет години во прволигашката фудбалска елита настапуваше клубот Рудар. На самите почетоци од независноста на нашата држава, малиот клуб од Истокот, од рударското гратче Пробиштип, пет сезони беше дел од елитата, по што згасна и речиси го снема од фудбалската карта. Токму деновиве граѓаните на Пробиштип, навивачката група „Багабонти“, фудбалери кои потекнуваат од фудбалската школа на Рудар потегнаа иницијатива за спас на Рудар, со цел да се анимираат сите структури кои би можеле да помогнат за повторно заживување на клубот.
Пробиштип заслужува да има респектабилен фудбалски клуб, бидејќи Рудар во минатото бил расадник на многу фудбалери со успешна кариера, како Стојанче Игњатов, Ванче Трајчов, Ангелче Тимовски и други.
На масовниот марш симпатизерите на Рудар побараа од бизнис-секторот и од локалната власт да имаат чувство за нивното барање и да придонесат за повторно враќање на „зелено-црните“ на фудбалската мапа.
фото - Екипа.мк