gogo

A+ R A-


Пробиштипјани рекордери по пиење антибиотици

http://static.guim.co.uk/sys-images/Guardian/Pix/pictures/2010/8/10/1281463353351/Antibiotics-pills-006.jpgИнформацијата што дојде од Министерството за здравство според која граѓаните на Пробиштип се најмногу „навлечени“ на антибиотици, е изненадување за сите во овој рударски град. Податокот дека минатата година на илјада жители им биле издадени во просек по 1.400 рецепти за антибиотици, е запрепастувачки дури и за здравствените работници. Ако се има предвид дека општината, според последниот попис, има околу 16.000 жители, тоа значи дека лани биле издадени 22.400 рецепти за антибиотици.

И здравствените работници од ова гратче се затекнати од податокот. Директорката на ЈЗУ „Нада Михајлова“, д-р Јагода Ристевска, специјалист интернист, вели дека се работи за енормно трошење антибиотици.

„Немаме некои цврсти сознанија зошто пробиштипјани толку многу трошат антибиотици, единствено што можам да направам како здравствен работник, е да апелирам до моите сограѓани кога ќе се соочат со обична настинка или грип да не посегнуваат веднаш по антибиотици, туку да се обидат да го решат проблемот со чаеви. Разликата меѓу Пробиштип, како град во кој се трошат најмногу антибиотици, и Крушево со најмала потрошувачка во државата, е проблемот со (не)чистиот воздух. Кај нас има поголема загаденост, поради што се соочуваме со почести респираторни инфекции, но проблемите по здравјето кои ја носат оваа состојба можат да се решаваат и без антибиотици“, вели првиот здравствен работник во Пробиштип.

Анализата за користењето на антибиотиците е направена преку системот „Мој термин“, од каде што најјасно можело да се види во која општина какви лекарства најмногу се употребуваат, во која општина најмногу се трошат антибиотици по глава на жител, како и во колкав временски период тие се употребувани од пациентите.

„И ние како локална власт првите сознанија за овој проблем ги добивме од медиумите, односно од Министерството за здравство. Тука Општината нема ингеренции да влијае освен нашите доктори уште повеќе да дејствуваат едукативно на населението“, вели Ранко Давитков, претседател на Советот на Општината.

Во центарот на Пробиштип група пензионери го поминуваат денот на ноемвриското сонце. Раде Илиевски е пензиониран рудар, а за најактуелната пробиштипска тема во моментов, има свое мислење.

„Во мое време Пробиштип беше познат како град на силикозата, рударска болест која се добиваше од прашината, а ја снема со воведување систем со водно бушење. Но, сега се нови времиња и доаѓаат нови болести. Луѓето се разочарани, едвај го крпат животот и мислам дека тоа е причината поради која се' повеќе земаат лекови“, вели Илиевски.

Покрај патот Штип – Пробиштип е село Пишица. Убаво село кое ја има реката Злетовица, а до неодамна и браната „Пишица“. Чиста околина, чист воздух.

„Лично не сум опседнат од лекарства, а кога ќе имам зголемена температура или ќе ме фати кашлица, прво што правам е да си подготвам некој чај. Овде има на тони разновидни билки, повеќе врсти чаеви, природата ни дала се' и ние од селото тоа обилно го користиме. Тоа им го препорачувам и на граѓаните од Пробиштип, а не да се трујат со апчиња“, вели 52-годишникот Богдан Штерјов.

Иван Бојаџиски  http://utrinski.mk/default.asp?ItemID=5E94837CD5B7EA4A919417C8E1B544FA

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.