По реконструкцијата на надворешноста и покривот на киносалата при Домот на културата во Пробиштип во изминатите две години, претстои преуредување на ентериерот во оваа година, што ќе биде втора фаза на проектот. Киносалата е во функција, има две нивоа и 500 седишта.
Неа денеска ја посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со градоначалникот на Пробиштип Тони Тоневски.
- Министерството за култура и општина Пробиштип во август 2012 година потпишаа Договор за заедничко финансирање на проект за реконструкција на покрив и нова фасада на киносалата при општинската установа Дом на култура „Злетовски рудар“. Навистина е од огромно значење што со заеднички средства успеавме да ја реализираме првата фаза од овој проект кој е од големо значење за граѓаните на Пробиштип. Оваа сала своевремено важела за една од најубавите киносали во регионот. Се надевам дека публиката повторно ќе може да се врати овде, истакна Канческа-Милевска.
Градоначалникот Тоневски информираше дека вредноста на проектот е 4.670.395 денари, од кои Министерството за култура учествува со 1,5 милиони денари, а останатите ги обезбеди општина Пробиштип. Согласно со договорот, проектот се реализираше во период од две години.
За време на посетата, Канческа-Милевска и директорот на Филмскиот фонд на Република Македонија Дарко Башески доделија еден дигитален проектор и блуреј-плеер, со што киното доби и технички услови за проекциите.
Министерката за култура со својот домаќин Тоневски го посетија и Домот на културата во овој град каде што сега е сместена богатата минеролошка збирка од овој регион. Збирката ќе биде преместена во новиот објект на музејот во Пробиштип кој се гради и, според најавите на општина Пробиштип, ќе биде готов во септември.