Членовите на спортското риболовно здружение “Кочански рибар“ имаа богат улов. Од водата на езерото „Гратче“ во неделата доцна попладне е извлечен крап капиталец со тежина од 15-ина килограми, јавува кочанската телевизија Канал8.
- Ние сме тие кои имаме државни дозволи за риболов и дојдовме во саботата, ова ни е прв риболовен излет и веднаш добри резултати. Тоа покажува дека со мали порибувања оваа вода може да биде една од најинтересните во Македoнија, бидејќи е многу чиста, езерото е пристапно, со помош од Општината за уредување на патеките, зони за риболов, може да се направи прекрасно езеро за спортски рекреативен риболов. Крапот го пуштивме, тоа е девизата на спортските риболовци “фати-пушти“. Ќе гледаме и понатаму тоа да се практикува за да имаме што повеќе риба во езерото и кога ќе дојде некој да ужива во риболовот, а не да седи и без риби. Тоа е убавината, да ја извадиш рибата, а риби можеме да си купиме. Сите вложуваме многу пари во риболовна опрема и со тие пари можеме да купиме многу риба за јадење, вели Ванчо Стаменков, спортски риболовец.
Крапот капиталец е фатен на посебна мамка, т.н. бојла што ја подготвил Стаменков. Извлекувањето на рибата со толкава тежина од водата не било лесно.
- Беше доста тешко, ама доста успешно и доста авантуристички, едно 5 до 10 минути беше времетраењето на вадењето на крапот. Освен крап има и сом, клен, има амур, значи многу риби има во нашата брана, за рекреативен риболов ќе биде многу успешна, рече Лазар Ѓорѓиев, спортски риболовец.
Â