Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тајада, денес беше во Пробиштип. Целта на посетата е лично да се увери во функционалноста и одржувањето на форумските буџетски сесии, кои се исклучително важни и за локалното население и за општината, јавува регионалната телевизија Стар.
-Убедена сум дека е многу важно граѓаните да земат учество во одлуките што ги носат општините. Од друга страна, важно е општината да знае што им е потебно на граѓаните, изјави Сибил Сутер Тајада, амбасадор на Швајцарија во Македонија.
Швајцарската влада и агенцијата за развој и соработка, втора година по ред го финансираат одржувањето на форумските сесии во регионот.
Но, освен нив, со швајцарски франци во Пробиштип се реализираат и други проекти.
-Тоа е проектот зајакнување на општинските совети, кој е многу важен за учеството на Советот во креирањето на политиките во општините, рече Ранко Давитков, прет. на СО – Пробиштип.
Инаку, денешната буџетска сесија беше четврта по ред годинава од планираните шест. По нивното завршување, граѓаните и општината заеднички ќе ги изберат приоритетните проекти кои ќе се реализираат со граѓанските пари.
Наредната година, Пробиштип ќе троши околу 120 милиони денари, односно околу 90 милиони помалку од годинава.