Оваа година летото официјално го затвораме со второто издание на најголемиот „open-air“ фестивал кај нас, кој ќе се одржи во Пробиштип, на локацијата на Аква Парк Македонија. Подготвени со програма и активности кои ќе ве натераат да се ослободите од стегите на секојдневието и да ја поттикнете вашата позитивна енергија, Аква Парк Фестивал и илјaдниците насмевнати луѓе од сите возрасти ве очекуваат повторно на 28. и 29. Август 2014.
Првиот фестивалски ден на Аква Парк Фестивал доаѓа „Дисциплина Кичме“ (Disciplin A Kitschme), еден од најпознатите и легендарни српски рок состави. Покрај нив, главната бина на Аква Парк Фестивал ќе го пречека и „Елементал“, бендот чија музичка основа е во рап музиката, но во нивниот звук можат да се најдат елементи од различни стилови што ги прави единствени и оригинални. Првиот ден на Аква Парк Фест сигурно ќе го запаметите и по настапот на белградскиот хип хоп состав „Бед Копи“ и нивниот препознатлив сатиричен стил поради кој станаа и една од најпопуларните хип хоп групи во регионот.
Аква Парк Фестивал и оваа година подготви исклучително квалитетна програма со избор на значајни имиња од електронската музичка сцена. Од претставниците на електро звукот пак, ви го најавуваме настапот на импресивното диџеј/продуцентско дуо „Прок&Фитч“ - момците кои заедно свират веќе 6 години, од англискиот Брајтон доаѓаат на Аква Парк Фестивал во Пробиштип за да ве освојат со врелиот звук на хаус музиката.
АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ, големиот музички настан кој своето премиерно и исклучително успешно издание го имаше минатата година во Пробиштип, оваа година, на наше особено задоволство и на радост на сите оние кои го запаметија како едно од најпозитивните музички доживувања кај нас, го подготвува своето второ издание. Спектакуларното дводневно доживување оваа година ќе се одржи на 28. и 29. август, на истата локација Аква Паркот во Пробиштип и тоа со уште попозитивно и повесело издание на АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ 2014.
АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ наскоро ги објавува и останатите артисти од богатата програма за оваа година исполнета со повеќе од 20 изведувачи!
Влезниците за Аква Парк Фест се веќе достапни во продажба по промотивна цена од 400 денари за еднодневна влезница и 700 денари за фестивалска влезница во која е вклучен бесплатен камп простор на фестивалот, бесплатна влезница на Аква Паркот и користење на сите водени атракции кои тој ги нуди. Промотивните билети ќе се продаваат во ограничен број.
Картите за фестивалот ќе можат да се купат во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат), продажните салони на One низ Македонија и продажната мрежа на МКтикетс.