Дебитантското издание на летниот фестивал „Аквапарк-фест“ во Пробиштип ќе понуди одлична дводневна музичко-забавна програма, каде што посетителите ќе имаат можност да ги чујат најрепрезентативните македонски бендови и популарните светски имиња од електронската сцена. Покрај музичкиот дел, фестивалот ќе има и голем број придружни забавни содржини и целодневни водни лудории на тобоганите и базените во водниот парк. Љубителите на фудбалот ќе имаат можност да го гледаат и финалето на Лигата на шампионите на голем видеобим на таканаречената ТВ-сцена.
- Со овој фестивал ќе биде означен и почетокот на годинешната сезона на аквапаркот, кој на посетителите ќе им приреди незаборавно доживување. Во план е овој фестивал да прерасне во традиционален. Инаку, идејата не е само промоција на аквапаркот туку и заживување на источниот дел од земјава, каде што речиси и нема никакви случувања од ваков вид затоа што најголем дел од овие настани се прават во Скопје или во Охрид - велат претставниците од продукцијата „Пасворд“, организатори на настанот.
За посетителите од Скопје ќе има и организиран превоз, во соработка со „Македонија сообраќај“. Цената на превозот ќе биде 450 денари во два правци, а тргнувањето е предвидено за петок во 10 часот, од спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Цената на билетите за фестивалот од понеделник ќе биде повисока, така што дневната карта ќе изнесува 500 денари, додека, пак, дводневната 800 денари. На денот на одржувањето тие ќе чинат 600 и 1.000 денари. Со влезницата е обезбеден и бесплатен камп-простор, а оние што немаат камп-опрема ќе може таму да ја изнајмат за симболична цена.
- Интересот за фестивалот е навистина голем, а доказ за тоа е што поголем дел од влезниците веќе се продадени. Освен во нашата држава, влезници имаме продадено и во Бугарија и во Косово - додадоа организаторите.
На двете сцени во аквапаркот во Пробиштип, на 24 и на 25 месецов, ќе настапат дваесетина изведувачи. Од домашните музички имиња тука се Кирил Џајковски, „Суперхикс“, „Фолтин“, „Фулиш грин“, „Бернајс пропаганда“, „Смат“ и други. Од светската диџејска сцена во Пробиштип доаѓаат познатите Пол ван Дајк, Марк Најт, на кои ќе им се придружат и македонските Флудер, Лефанк, Ајсберг.
извор - Нова Македонија