За неполни три години, пробиштипската фабрика за акумулатори „ТАБ Мак“ го зголеми бројот на вработени за 2,5 пати, од 140 на 320 лица.
Пред неполни три години, пробиштипската фабрика за акумулатори ја презеде словенечката компанија „ТАБ“ од Межице, која во Македонија работи под името „ТАБ Мак“. За ова време Словенците направија вистинско чудо од фабриката: бројот на вработени го зголемија за 2,5 пати, од 140 на 320 лица, а производството на акумулатори за петпати, од 200.000 на 1,1 милион парчиња.
Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип, вели дека тие како мала општина имале голема среќа што во ликот на „ТАБ Межице“ добиле исклучително сериозен, квалитетен и одговорен инвеститор.
„Тие не само што позитивно влијаеја во сегментот на зголеменото вработување, туку во нашата општина донесоа и нови, повисоки стандарди во индустриското производство. Од организација на работата, преку инвестиции, до почитување на вработените и на сите закони на Република Македонија. Тие се пример за инвеститор кој би го посакала секоја општина“, вели првиот граѓанин на рударската општина.
Директорот Петар Верчко вели дека сите во „ТАБ Мак“ се посветени на неопходноста од фабриката да излезе квалитетен производ кој нема да има проблеми да се продаде и на најпребирливите пазари во светот.
„Годинава ќе ја завршиме со производство на еден милион батерии (акумулатори) за автомобили, камиони, трактори и уште 100.000 парчиња батерии за тракциски ќелии за возила на струја како што се виљушкарите. Задоволни сме од овој резултат, но во исто време сме свесни за тоа дека во оваа фабрика можеме и повеќе, на што сите тука посветено работиме“, вели Верчко.
повеќе на следниот линк
http://utrinski.mk/default.asp?ItemID=4A11FDD4FE1A8B478E1F7F96A4A54B4B