Ѓорѓи Павловски од Злетово завршил на Ортопедија во штипската Клиничка болница, откако пред неколку дена бил крвнички искасан од бесно магаре.
Додека Павловски си го средувал тревникот, магарето ја искршило дрвената ограда, влегало во дворот и почнало да потскокнува, да рита со нозете, кршејќи се што му било на дофат. Кога 73-годишниот злетовчанец се обидел да го скроти магарето, тоа се нафрлило врз старецот и почнало да го гризе по телото.
- Како последица од гризот на магарето, создадени се поткожни крвни изливи. Најмногу се лоцирани во пределот на нозете, грбот и на стомакот.
Соседите и најблиските го спасиле Павловски од сигурна смрт. Тие го избркале бесното магаре со стапови.
Ветеринарите апелираат да се внимава на однесувањето на животните, посебно кога се во време на парење. Во ваков период станува доминантна агресивноста кај мажјаците, па дури и кај оние животни кои важат за кротки суштества.