Во Пробиштип денеска беше потпишан Договор меѓу општината, Владата и Светска банка за заем за изградба и реконструкција на ул. „Јоаким Стојковски“ во тој град.
- Заемот изнесува 500.000 евра и со него ќе ја реконструираме улицата „Јоаким Стојковски“ во должина од 1.220 метри. Ова ќе значи многу за реализирање на сообраќајот и движењето на пешаците на оваа главна сообраќајница во Пробиштип, истакна градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски.
На потпишувањето на Договорот присуствуваше и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој ја истакна заложбата на Владата на Република Македонија за изградба на повеќе инфраструктурни објекти во Пробиштип, но и во Источна Македонија. Тој при тоа ги посочи подготовките за изградбата на автопатот Скопје - Штип, со што општините од Источна Македонија ќе добијат современа сообраќајница.
Вицепремиерот Ставрески присуствуваше и на предавањето во употреба на повеќенаменското игралиште во централното градско подрачје за кое Агенцијата за млади и спорт инвестираше седум милиони денари.