gogo

A+ R A-


Брнз: САД го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2022/02/aljazeera-1140x684-1-750x430.jpeg

САД заедно со сојузниците и партнерите, ќе ѝ помогнат на Украина да се брани од понатамошна руска агресија, вели американската амбасадорка во Скопје Кејт Брнз во нејзиниот коментар за состојбата со Русија и Украина, којшто денеска е објавен на веб-страницата на Амбасадата на САД во Северна Македонија

„Светот ја следи неиспровоцираната агресија на Русија кон Украина. Активностите на Русија се закана не само за Украина, туку и за Европа и за меѓународниот поредок кој е заснован на правила. Нашите цели се едноставни. Ние сме подготвени со нашите сојузници и партнери да ја поддржиме европската кохезија, да ги зајакнеме нашите трансатлантски односи и да ги зацврстиме демократските држави и институции. Ова го правиме за да го подобриме животот и на граѓаните на САД и на граѓаните на Северна Македонија“, наведува амбасадорката Брнз во коментарот.

Американската амбасадорка додава дека во изминативе две децении Русија изврши инвазија врз две соседни земји, се мешаше во изборите на други држави, користеше хемиско оружје за да изврши атентати на странска почва, ги користеше испораките на гас како политичко средство и ги прекрши меѓународните договори за контрола на вооружувањето.

„Во 2014 година, откако милиони Украинци протестираа за демократска иднина, Русија создаде криза, ја нападна и ја окупираше украинската територијата на Крим и организираше војна во источна Украина со руски персонал и со претставници кои самата ги води, ги обучува, ги снабдува и ги финансира. Оваа војна однесе повеќе од 14.000 украински животи“, наведува амбасадорката Кејт Брнз.

Таа во текстот додава дека и понатаму Русија окупира делови од Грузија и Украина, но и не го исполни ветувањето да ги повлече своите сили од Молдавија.

Амбасадорката Брнз вели дека САД го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„За разлика од Русија, Украина ги исполни своите обврски од договорите од Минск склучени помеѓу Русија, Украина и Организацијата за безбедност и соработка во Европа, кои беа потпишани за да обезбедат прекин на огнот во Донбас“, пишува американската амбасадорка.

Целосниот коментар на амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Брнз може да се прочита ОВДЕ.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.