gogo

A+ R A-


Фејсбук објава без контекст шири ксенофобија и поттикнува меѓуетнички тензии

Фото: pixabay.com
https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2022/03/map-of-the-world-g5557f30f7_1920-750x430.jpg

Овој заклучок, за кој е неизвесно како е донесен и за кој нема никаква реална поткрепа со докази, е сензационалистички и претставува најгрубо ширење на ксенофобија и нетолерантност. Објава со ваков наслов има антимигрантска реторика и поттикнува нетрпеливост на етничка и на верска основа. Притоа, во самата објава не пишува апсолутно ништо од тоа што се тврди во насловот, ниту пак има било каква потврда дека Албанците навистина се во страв

Фејсбук објава споделува информативен текст за одлуките што ги донела Владата за помош на Украина, по руската инвазија, но со ксенофобичен и сензационалистички наслов кој шири паника и на кој му недостига контекст во содржината.

Албанците во страв? Илјадници православни Украинци ќе пристигнат во Македонија, стои во насловот. 

Владата донесе одлука да испрати донација во Украина и тоа е сè што содржи владиното соопштение. Како дел од владините одлуки нема никаква официјална информација за прифаќање бегалци или за било какво барање од Украина нашата држава да прифати бегалци.

Она што исто така неточно се извлекува како заклучок е тоа дека втората по големина етничка заедница во нашата држава е во страв поради прифаќањето бегалци.

Овој заклучок, за кој е неизвесно како е донесен и за кој нема никаква реална поткрепа со докази, е сензационалистички и претставува најгрубо ширење на ксенофобија и нетолерантност. Објава со ваков наслов има антимигрантска реторика и поттикнува нетрпеливост на етничка и на верска основа. Притоа, во самиот текст не пишува апсолутно ништо од тоа што се тврди во насловот, ниту пак има било каква потврда дека Албанците навистина се во страв.

Да се тврди дека Албанците во Македонија се во страв затоа што државата ќе прими православни бегалци е надвор од секоја логика и единствена цел на ваквите тврдења е да предизвикаат раздор во општеството и да шират паника на социјалните мрежи.

С. Македонија е мултиетничко општество каде живеат луѓе кои припаѓаат на различни религии и со различна етничка припадност. Етничките Албанци со години живеат со етничките Македонци кои се православни и не живеат во постојан страв поради овој факт. Ваквите нелогични тврдења имаат за цел само да предизвикаат страв кај населението и да поттикнат ширење говор на омраза на социјалните мрежи и кон етничките Македонци и кон етничките Абланци, но и кон луѓето во Украина кои се приморани да ги напуштат своите домови и да станат бегалци поради војна која секако не ја посакувале.

Ширењето на ваква неоснована паника и ксенофобија се коси со основните морални начела за солидарност со оние кои се обесправени и чиј живот и егзистенција се директно загрозени.

Во моменти на војна, кога секоја држава треба да покаже солидарност за невини цивили на кои им е загрозен животот, ваквите објави се штетни за општеството и покажуваат нетолеранција.

Државата сè уште нема донесено никаква официјална одлука за примање бегалци од Украина. Во случај да се донесе таква одлука, тоа ќе претставува чин на солидарност, хуманост и алтруизам.

Нашата држава од своето осамостојување, на неколку наврати ја покажа својата гостопримливост, хуманост и заштита на бегалците од околните региони, сè додека не се создадоа услови за нивно враќање во земјите на потекло.

С. Македонија има пристапено кон сите клучни меѓународни или регионални инструменти за заштитата на бегалците и странците,

Поради сето ова погоренаведено, оценуваме дека на објавата ѝ недостига контекст, дотолку повеќе што насловот кој се шири на социјалните мрежи воопшто не соодветствува со објавената содржина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.