Руските власти треба да ја осигураат безбедноста на новинарката Елена Милашина и навремено да ги истражат заканите упатени од чеченскиот лидер Рамзан Кадиров кон неа и кон независните медиуми, соопшти Комитетот за заштита на новинарите
Уредниците на независниот весник „Новаја газета“ одлучија да ја испратат надвор од државата Елена Милашина, истражувачка новинарка која за весникот известува на теми за кршење на човековите права во Чеченија. Ова се случи по заканите кои чеченскиот лидер Рамзан Кадиров ги упати кон неа и поради засилената политичка реторика во Чеченија, со која се осудија независните медиуми „Новаја Газета“ и „ТВ Дожд“. Ова за Комитетот за заштита на новинари, кој реагираше по повод овие напади, го потврдила и новинарката Милашина на 3 февруари годинава.
За истиот случај на социјалната мрежа Твитер, реагираше и IFEX, светска мрежа во која членуваат 100 невладини организации кои се залагаат за слободно изразување и пристап до информации.
Изјавите на чеченските власти дојдоа откако Милашина и Игор Каљапин, основач на Комитетот за спречување на тортура, известуваа за случај на поранешен федерален судија и неговото семејство, кои, според известувањата на медиумите, биле предмет на закани од чеченските власти. ТВ Дожд, исто така, известувал за овој случај.
Ги повикуваме федералните власти во Русија сериозно да ги сфатат заканите упатени од чеченскиот лидер Рамзан Кадиров кон новинарката Елена Милашина и да бараат одговорност од него и од другите чеченски претставници, рече Гулноза Саид, програмски координатор на Комитетот за заштита на новинари за Европа и за Централна Азија во Њујорк.
Милашина, „Новаја газета“ и „ТВ Дожд“ ја вршат клучната работа за расветлување настани во Чеченија и не треба да бидат попречувани во нивната работа, а најмалку да бидат цел на закани. Руските власти мора да обезбедат безбедно враќање на Милашина.
Во објава на Телеграм на 23 јануари, Кадиров ја нарекол Милашина „терорист“, побарал нејзино апсење и ја обвинил дека „заработува пари од темите за Чеченската република и Чеченците“. Тој додал и дека чеченските власти „секогаш ги уништуваат терористите и нивните соучесници и ќе продолжат да го прават тоа во иднина“.
На 31 јануари, „Новаја Газета“ објави дека поднесува жалба до Рускиот истражен комитет, барајќи кривична истрага против чеченскиот лидер според член 282 од Кривичниот законик за „поттикнување омраза“.
На 1 февруари, Кадиров објави видео на руската социјална мрежа Вконтакте во кое ги нарекува новинарите на „Новаја Газета“ и „ТВ Дожд“Â „терористи“ и повикува да се поведе кривична постапка против нив.
Според медиумските извештаи, на 2 февруари, Исмаил Денилханов, претседател на Јавната комора на Чеченија, зборувал на митинг во главниот град Грозни, каде изјавил дека двата медиума мора да бидат затворени и ги нарекол „непријателски“.
Подоцна истиот ден, либералната радио станица Ехо Москва, во знак на солидарност со Новаја Газета и ТВ Дожд, апелирала преку Телеграм до рускиот претседател Владимир Путин да „се вклучи“ во овој настан.
Во интервјуто што Милашина го дала за „ТВ Дожд“ на 4 февруари изјавила дека редакцијата на „Новаја Газета“ смета дека е висока заканата за нејзината лична безбедност.
На 8 февруари, ТВ Дожд објави дека поднела жалба и до Истражниот комитет во врска со заканите на Кадиров.
Ова не е прв пат Кадиров да ѝ се заканува на Милашина, поранешен дописник на Комитетот за заштита на новинари од Русија. Таа морала да побегне од Москва по заканите од чеченските официјални лица, во 2020 и 2017 година. Таа, според Комитетот за заштита на новинари, била нападната и за време на нејзиното службено патување во 2020 година во главниот град Грозни и претепана во Москва во 2012 година.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар