Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во интервју за Порталб.мк вели дека дезинформациите и пропагандата се едни од алатките на војната и дека Владата ги третира како такви. Тој вели дека државата има потешкотии во спречувањето на секојдневното масовно пенетрирање на дезинформациите во креирањето на јавното мислење. Според него, во борбата против дезинформациите потребна е системска работа на државните институции во координација со европските и НАТО механизмите. Во актуелната ситуација, за соочување со овој бран на дезинформации што ја нарушуваат безбедноста, но и општата состојба на доверба во државата, неопходно е мобилизирање на сите локални капацитети, вели тој
Пишува: Елида ЗилбеариÂÂ
Пред неколку дена Северна Македонија прогласи за непожелни личности или persona nongrata пет руски дипломати. За какви прекршувања всушност станува збор?
Министерството за надворешни работи и надлежните служби секако дека ја следат работата на странските претставници кога тие ги прекршуваат основните принципи на Виенската конвенција и правилата кои мора да ги почитуваат претставниците на другите држави во РСМ. Во моментот кога ќе се констатира какво било прекршување од овој тип, се известува Министерството за надворешни работи и потоа ние донесуваме одлуки во врска со тоа. Со последните случувања во Украина, секако, сите институции се посенсибилизирани затоа што е констатирана една подлабока хибридна, малигна интервенција, како и да ја наречете, за да се создаде едно поинакво мислење спротивно на објективните факти и на вредностите кои ние ги претставуваме и промовираме, било како земја или како Алијанса. Врз основа на последните информации добиени од надлежните служби за вакви докажани прекршувања, МНР одлучи да прогласи за непожелни петмина дипломати на Руската Федерација и да побара тие да ја напуштат државата. Ова не е субјективна и политичка проценка, туку е една одлука заснована на конкретни податоци за конкретни прекршувања на процедурите и правилата кои мора да ги почитуваат сите претставници на државите во Северна Македонија, како што ги почитуваат нашите претставници во земјите каде што се наоѓаат.
Конкретно, дали ова значи дека ширеле проруска пропаганда, може ли да ни дадете повеќе детали?
Не можам да зборувам за секој случај конкретно и во детали околу тоа за какви прекршувања се работи, иако тие се документирани како такви и врз основа на нив донесовме одлука. Се работи за надминување на ингеренциите што еден дипломат ги има кај нас. Овие ексцеси или правила на игра се многу јасно дефинирани со Виенската конвенција и со различни билатерални или меѓународни договори. Во овој случај, констатирано е такво надминување кое ја загрозува безбедноста на земјата, но и безбедноста на сите сојузници со кои работиме и разменуваме информации.
Како ги оценувате односите меѓу Македонија и Русија во моментов?
Знаете дека Руската Федерација нè стави на списокот непријателски земји. Ние бевме апсолутно одлучни во нашите ставови за осуда на руската агресија во Украина. Сметаме дека оваа неиспровоцирана инвазија беше очигледно кршење на меѓународното право и меѓународниот систем заснован на правила, закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на една независна земја. Ние овој акт го идентификувавме како таков и го осудивме во различни форми, првично во Собранието преку изгласање на резолуцијата со која ја осудивме агресијата со општа поддршка на пратениците, без разлика дали се во позиција или во опозиција. Потоа, со приклучување кон корпусот на казнените мерки на Европската Унија и други начини, како што е солидаризирањето со украинскиот народ. Во оваа ситуација нема сиви зони, таа е црно или бело, или сте со цивилизираниот демократски свет или сте со петте држави кои во Генералното собрание на Обединетите нации беа посочени како поддржувачи на оваа инвазија.
Какви ќе бидат руско-македонските односи во наредниот период?
Нашите билатерални односи се дефинирани и во рамките на НАТО Алијансата, но и во рамките на нашиот статус како земја кандидат во Европската Унија и овие ставови се координирани. Не можам да предвидам како ќе се развива ситуацијата таму, тоа што Руската Федерација мора веднаш да го направи е да ја запре инвазијата и бомбардирањето во Украина за овој преговарачки процес да добие епилог. После тоа, нормално, демократскиот свет ќе одлучи што ќе преземе понатаму во однос на Руската Федерација и во однос на овие постапки кои се спротивни на основните правила на меѓународното право.
Какви санкции воведе РСМ кон Русија, за што конкретно станува збор?
Ние не само што им се приклучивме на санкциите кои се како одговор на инвазијата, туку и на сите рестриктивни мерки од 2014 година наваму, тогаш кога Русија го анектираше Крим. Има околу 300 страници материјали кои секоја недела ги одобрува Владата како облици на конкретна формализација на овие санкции. Тие се однесуваат на рускиот финансиски систем, на компаниите, на поединците кои ЕУ ги смета за одговорни за она што се случува во Украина. Откако ќе се официјализираат во Владата, институциите се обврзани истите да ги спроведат преку нивните механизми.
Дали ќе има нови санкции?
Тоа ќе зависи од одлуките што ќе ги донесе Европската унија. Како и да е, ние решивме да имаме целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, што значи дека во иднина ќе се придржуваме до сите одлуки, без разлика дали се работи за преземаање на рестриктивни мерки против која било земја, РСМ ќе им се придружи на тие санкции.
Сведоци сме на ширењето на многу дезинформации за моменталната ситуација во Украина. Како се вклопуваат тие во целиот контекст?
Дезинформациите и пропагандата се едни од алатките на војната и ние ги третираме како такви. Тие се апсолутно активни овде во регионот, во некои земји од регионот повеќе, а во некои помалку. Тие се присутни и биле постојано присутни и во минатото во различни форми, но сега се уште поинтензивни. Во оваа насока Владата презеде одредени мерки, како што знаете, го прекина емитувањето на руската државна телевизија во земјата, но секако дека преку различни регионални платформи, но и преку локални платформи тие продолжуваат да функционираат кај нас. Една невладина организација направи анализа во која го спореди бројот на публикации за Украина и Русија и во неа може да се види дека во овој поглед скоро да има една рамнотежа, што значи дека како што се објавуваат фактите и вистините, со ист таков интензитет се објавуваат невистини и дезинформации. Ова е еден опасен интензитет кој влијае врз креирањето на јавното мислење и злоупотребата на чувствата кај луѓето. Сето ова се случува на еден несоодветен терен поради фрустрациите што ги имаат луѓето за блокираниот европски пат, многуте компромиси што земјата беше принудена да ги направи овие години и сета оваа енергија на незадоволство, на фрустрација кај луѓето сега е прецизно канализирана за постигнување на конкретни цели. А тие цели се намалување на довербата на луѓето во институциите, и ова мислам дека беше една од главните цели затоа што во моментот кога ќе ја снема довербата на луѓето во институциите тогаш тие можат лесно да се манипулираат. Институциите потоа стануваат ирелевантни во донесувањето на одлуки и тоа го отежнува владеењето и управувањето во целина.
Што можат Владата и МНР да направат во борбата против руските дезинформации, посебно за нивното ширење на Балканот?
Не сум експерт за борба против дезинформациите, но можам да кажам дека МНР во рамките на соработката во Алијансата и во ЕУ, е вклучено во европските механизми за борба против дезинформациите. Се разбира, во институциите има и такви кои се директно надлежни за да се справат со овие работи. Постои и Национална стратегија која ги дефинира чекорите што треба да ги преземе државата, конкретните институции, но тие мора да бидат кохерентни, имплементирани според тоа како што е дефинирано. Ова е предизвик со кој се соочува целиот свет и не секогаш успева во тоа.
Што мислите за одговорот на ЕУ кога е станува збор за борбата против руската пропаганда сега и какви мерки и чекори сметате дека треба да преземе ЕУ за да ги ублажи ефектите од дезинформациите во Кремљ?
Се разбира дека и самата ЕУ е жртва или мета на оваа пропаганда и затоа за борба против дезинформациите потребни се наднационални или европски механизми и сметам дека земјите од Западен Балкан, како и нашата земја, се вклучени во употребата на овие механизми. Колку се успешни овие механизми е знак прашалник. Јасно е дека ние тешко успеваме да го спречиме секојдневното масивно пенетрирање на дезинформациите во креирањето на јавното мислење. Погледнете ги анкетите и ќе видите каков е ставот на народот за војната, во оваа ситуација тие се целосно дезинформирани и лошо информирани. Не велам дека сето тоа се прави преку локалните платформи, има многу платформи кои доаѓаат од регионот. Руската пропаганда не е воспоставена истомерно во целиот регион, таму каде што нашла посоодветно место е поголема, а некаде е помала. Но, кога веќе сме во регионот, во него е многу полесно да се шири влијанието. За ова потребна е системска работа на државните институции во координација со европските и НАТО механизмите. Актуелната ситуација налага мобилизирање на сите наши капацитети за да се соочиме со овој бран на дезинформации кои ја нарушуваат безбедноста, но и општата состојба на доверба во државата.
Дел од истражувањата на јавното мислење покажуваат дека 45 проценти од Македонците би поддржале една Евроазиска унија предводена од Русија? На што се должат ваквите ставови на граѓаните на Македонија?
Резултатите од последните анкети се разочарувачки. Не само тоа што го кажавте вие, туку довербата во Европската унија е намалена од 49 отсто во 2019 година на 8 отсто оваа година. Ова е еден драстичен и многу разочарувачки пад. Јас сакам да верувам дека оваа емоција како таква не е изворна или инхерентна за луѓето. Туку дека повеќе е фрустрација поради нечекорењето по европскиот пат, постојаните блокади врз нашата земја кои во некои моменти се неразумни, затоа што земјата навистина ги исполнила сите услови за започнување на преговорите и сега ова разочарување луѓето го изразуваат во најразлични форми, вклучително и како антизападно или проруско расположение. Постојаното влијание на пропагандата, регионална или директно од Москва, го негува ова расположение. Сето ова го направи своето. Секако дека има луѓе кои имаат вакви убедувања поради културни, верски и други причини, но не мислам дека доминантниот став е инхерентен, туку дека повеќе е една фрустрација и протест отколку верување во една алтернативна кауза различна од онаа на Европската Унија. Затоа кога разговарам со пријателите во ЕУ, велам дека дијагнозата е оваа и лекувањето треба да биде во согласност со дијагнозата, или дека терапијата треба да биде каузална, а не симптоматска. Не треба да ги третираме симптомите туку причината. И која е причината? Причината е блокирањето на европскиот пат. Прво да го излечиме овој момент, па потоа ќе биде многу полесно да им се спротивставиме на овие инструменти кои го пумпаат тоа расположение создадено поради други причини.
И што вели Европската Унија за ова?
Мислам дека неодамнешните случувања освестија еден голем број на скептици во ЕУ кои на проширувањето гледаа како на закана за ЕУ. Тие почнаа да сфаќаат дека проширувањето е всушност главната безбедносна политика за Европската унија. Тие разбираат дека ако не постапеа стратешки во 2000 година при зачленувањето на источноевропските и централноевропските земји, денес ќе имавме сосема друга ситуација во однос на европската безбедност. Но, тој стратешки лидершип покажа колку е важно проширувањето. Тие сфаќаат дека истото мора да го сторат и денес за Западен Балкан.
Како ги оценувате руско-кинеските односи?
Народна Република Кина во Обединетите Нации беше воздржана, не беше против резолуцијата за осуда на агресијата, но и не ја поддржа. Ние се надеваме дека и Кина ќе му се придружи на светот во осудата на оваа инвазија и нема да се позиционира со Русија во однос на оваа агресија. Мислам дека и Кина има интерес за економска соработка со Европа и секако не би сакала овие економски интереси, кои се многу суштински и за Кина и за Европа, да се пореметат поради една неоснована, незаконска и неиспровоцирана кауза.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар