Еден од потешко воочливите начини на влијание, кој станува мошне агресивен од моментот на започнување на инвазијата на Путин врз Украина, е споредувањето, поистоветувањето и оправдувањето на таа војна
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за правна држава и човекови права
Инвазијата на Путин во Украина отвори нов простор и создаде нова потреба за поголемо руско влијание во Северна Македонија.
Во услови кога власта во Северна Македонија дава несомнена и многу отворена поддршка на Украина, ја осудува инвазијата и им нуди материјална помош на граѓаните на Украина, се засилува бранот на руско влијание на социјалните мрежи и одделни портали/медиуми.
Ова влијание веќе не е толку директно, непосредно и отворено, меѓутоа не е помалку опасно.
На социјалните мрежи сè уште може да се видат текстови и ставови што претставуваат директна поддршка на Путин и инвазијата врз Украина, меѓутоа медиумите и официјалните портали не си дозволуваат ваков отворен настап, туку почнуваат да употребуваат посуптилни алатки на дезинформирање.
Директната поддршка на Путин е често ставена во контекст на наводна загрозеност на Северна Македонија од западноевропските држави, придружена е со видеа и фотографии со кои се прикажуваат наводните успеси на руската војска во борбите во Украина, односно со написи во кои се алудира на моќта на руската војска, и нејзината хуманост.
Меѓутоа, еден од потешко воочливите начини на влијание, кој станува мошне агресивен од моментот на започнување на инвазијата на Путин врз Украина, е споредувањето, поистоветувањето и оправдувањето на инвазијата на Путин врз Украина.
ПРВОТО НИВО е споредување на актуелната инвазија врз Украина. Вообичаено се прави со споредување на инвазијата на Путин врз Украина со воени интервенции, воено присуство Â и/или воена поддршка што САД ја даваат во граѓанските војни/конфликтите во Сирија, Либија, Јемен, односно, признавањето на Косово.
Станува збор за квази споредување, кое вообичаено започнува со изразите: двојни аршини;Â Русија не го уништи меѓународниот поредок, туку НАТО и Америка;Â режимот на САД создава кризи;Â зошто никој не се бунеше за војната во Сирија; да имаше вакви санкции за секоја агресија на САД, светот немаше да знае како звучи американската химна, ниту ќе знаеше некој нивни спортист; Се сеќавате кога САД доби санкции од ЕУ поради нападите на Југославија, Либија, Ирак, Сирија, итн.? Не. И ние не се сеќаваме….
Најраширен начин на квази споредување на инвазијата на Путин во Украина, со воени активности на САД, е со поставување на социјалните мрежи на табели, графикони, листи, кратки изјави… на кои се набројуваат воените бази на САД или државите во кои биле или се на каков било начин воено присутни САД или каде што „учествувале“ во рушење режими или поттикнување рушење режими.
Без да навлегуваме во расправа за тоа дали евентуално прекршување на правото во друго време, други услови, друго место, во сосема друг конфликт е по автоматизам доволно оправдување за исто или слично прекршување на правото сега, во овие услови, во конкретна држава – Украина.
Всушност, никој и не започнува ниту, пак, се впушта во ваква расправа.
Едноставно се репродуцираат табели. Листи, графикони, табели, кратки изјави,…
Ширењето вакви табели, графикони и текстови на социјалните мрежи е насочено кон промовирање на идејата за огромен квантитативен дебаланс во воено дејствување на САД низ светот што нужно води кон заклучок за оправданоста и, пред сè, „одбранбениот“ карактер на воената инвазија на Путин во Украина.
Со ова ЕУ и воопшто, европските држави, повторно се исфрлаат (или се ставаат на маргините) од сликата на судирот меѓу Путин и демократскиот свет, конфликтот се прикажува како конфликт меѓу Русија и САД и сите споредби се сведуваат на Русија и САД. На тој начин се врши потполно дефокусирање од реалната ситуација и веќе не се гледа глобалната слика во која режимот на Путин (не Русија) презема инвазија, која ја осудуваат мнозинството држави во светот, туку се импутира перцепцијата за истоветно постапување на две големи сили при што се имплицира дека јавноста не го осудува постапувањето на едната, а го осудува постапувањето на другата.
Твит од Тања Каракамишева, професорка на Правниот факултет при УКИМ, кој пренесува слика објавена од RedFish, пропагандна публикација поддржана од Кремљ, која ја водат луѓе поврзани со руската државна телевизија Russia Today. Овој инфографик, кој прикажува воени дејства на разни места и од различни временски периоди често се посочува како пример за манипулација, односно нова верзија на советската тактика за дефокусирање (whataboutism).Симплификуваната форма на овие написи (особено табелите и графиконите) овозможуваат нивно лесно ширење и градење јасна перцепција, која „идентификуваниот противник“ – САД ги прикажува во најлошо можно светло и поттикнува негативни чувства како кон „докажан“ освојувач и агресор, наспроти Русија, за која се нуди перцепција како за некој што упорно се брани.
Ова се постигнува и на тој начин што ниту еден од овие текстови не е проследен или не упатува на анализи, истражувања, пошироки податоци, кои би опфатиле вистинска компарација (улогата на поранешниот СССР и денешна Русија во тие или слични конфликти), ниту, пак, објаснување за содржината на спомнатите активности, позадината, вклученоста/улогата на самата држава што се спомнува.
СТАВАЊЕ ВО ИСТ КОШ
Во исто време, перцепцијата се засилува со тоа што во ист кош се ставени сосема различни ситуации и активности (кои никако не може да бидат ставени под ист именител). Само како пример да ги земеме Полска (1980-81), Кувајт (1991), Виетнам (1961-73), а кои заедно се појавуваат на една од најраширените листи.
Имено, во Полска станува збор за оригинално внатрешно движење, кое се развива со години и кое кулминира во активностите на „Солидарност“, а е насочено кон ослободување од присуството на Русија и демократизација на сопственото општество (што нема никаква врска со САД) и претставува дезавуирање на долгогодишната борба на полскиот народ за ослободување од влијанието на СССР и демократизација на сопственото општество.
Во Кувајт станува збор за спротивставување на инвазија направена од страна на Ирак во кое учествувале 32 држави (во тој момент најголема коалиција на држави по Втората светска војна) и каде што дури има и заеднички став на САД и тогашниот СССР во однос на направената инвазија и Резолуција на ООН со која се поддржува акција за отстранување на Садам Хусеин (Ирак) од Кувајт.
Војната во Виетнам е дел од конфликтите што произлегуваат и се дел од студената војна. Самата војна има многу комплексна позадина (во која учествуваат и САД и СССР), а улогата на САД во неа е една од најконтроверзните, со најмала поддршка од други држави и е отворено осудена како неморална од страна на американската интелигенција и од многу голем број граѓани на САД.
Ова води кон ВТОРОТО НИВО – своевидно изедначување, бришење на разликите, поистоветување (на системите, постапките, активностите, модусот на дејствување), кое ја разводнува осудата и го растура евентуалното несогласување со конкретната агресија на Путин врз Украина.
Изедначувањето започнува со негирање на постоењето разлика во известувањето за агресијата на Путин врз Украина меѓу руските режимски контролирани гласила и медиумите од „западните“ држави и создавањето впечаток дека станува збор за едноставна борба меѓу лагите на две пропагандни машинерии. Затворањето на медиумскиот простор во Русија и отсуството на надворешни информации се поистоветува со моментното ограничување на пренесувањето преку кабелските телевизии на два државни медиума на Русија (направено, пред сè, како симболичен чин, кој повеќе изразува став отколку што вистински ограничува, ако се има предвид отвореноста на медиумскиот простор во западните демократии).
Изедначувањето продолжува во тврдењето дека сите политичари се исти и меѓународната заедница треба на истоветен начин да реагира кога станува збор за нивните многу истоветни прекршувања на меѓународното право за да биде заокружено во изјавите дека се работи за еднакво демократски системи, во кои има прекршувања на човековите права (па дури и многу поголемо нивно почитување од страна на Путин отколку од западните демократии), меѓутоа, кои не се квалитативно различни, односно:
Од политички и стратегиски аспект, како што видовме, интервенцијата во Украина е само операционализација на дипломатски искажаните амбиции за нов светски поредок. Во практика тоа се артикулира преку стравот од НАТО, загрозеноста од НАТО и иманентната опасност што, според Русија, ѝ дава легитимитет да употреби сила. Тоа, пак, само по себе, укажува дека во правна смисла можеби Путин се повикува на уште еден ревносен преседан во употребата на сила, а тоа е предвремената употреба на сила, кој беше мошне актуелен за време на глобалната војна против тероризмот.
Ова е интересен начин на кој се обезбедува опстојување на позитивниот однос кон режимот на Путин со тоа што се минимизира неправото, се става во поширок контекст без да се понудат поопстојни објаснувања, или пак, се изведува заеднички именител.
Во оваа насока се и написи што навидум претставуваат генерална осуда на војната, меѓутоа во кои зад обопштувањето се крие отсуството на конкретна осуда, ставање во ист кош и поистоветување. Крајниот заклучок е дека Украина не е жртва на Путин, туку на некоја глобална војна, која се води постојано и на сите страни, а во која не може да се посочи еден виновник, бидејќи сите се на ист начин виновни и/или одговорни.
„Јас сум против сите војни“ е најдобар начин да се избегне да се каже дека/дали сум против оваа конкретна војна. Најверојатно најдобар пример за ова е текстот на професорката Билјана Ванковска напишан за весникот „Нова Македонија“.
Петицијата ја потпишав, иако е патетичен обид да се „стори нешто“, да се смири совеста и да се демонстрира стоење на „вистинската страна“ (по децениски молк за другите воени походи, од кои некои и денес се активни). Таканаречените „проверувачи на факти“ бараат од некој како мене со децениски стаж во антивоеното движење и книга со антивоени есеи одново и одново да се колне дека е против (и) оваа војна. Трипати дневно, и со задолжително знаменце на ФБ-профилот. Имплицитниот императив е фаќање страна, небаре сме во криза со „Информбирото“: дали си за Тито или Сталин е заменето со дали си за НАТО/Украина или Путин. Таа лажна дилема во бинарниот ум (или-или) е вградена во темелите на моралниот колапс на човештвото. Тие не можат да сфатат дека човек мора да биде еднакво против двете завојувани страни. Особено кога сме на чекор до нуклеарен холокауст, а ЕУ се однесува како пироман, а не нобеловец за мир. Со дотурање оружје, Украина станува фактичко бојно поле на НАТО и Русија, да не се лажеме. Како што вели Јан Оберг, Западот е на автопилот на безгранична омраза кон Русија и сѐ руско (од Чајковски до театарот Бољшој)… Очигледно Путин ги бележел во тефтерот сите постапки од изминатите триесетина години, па постапува речиси идентично, користејќи иста реторика, потези, воени операции, како и правото на вето во Советот за безбедност на ОН (исто како што САД блокираат секаква осуда на Израел со децении и како што манипулираа со разните резолуции за да најдат „дупка во закон“ за операциите во кои растурија цели држави и оставија милиони невини цивилни жртви).
Осудата на конкретната агресија врз конкретна држава се нарекува „лажна дилема“, а спротивставувањето на агресијата на Путин се нарекува „безгранична омраза кон Русија и сè руско“, а изедначувањето јасно се пропагира со пораката дека треба да се биде „еднакво против двете завојувани страни“.
СУПТИЛНО ИЗЕДНАЧУВАЊЕ И ПРФРЛАЊЕ НА ВИНАТА
Уште еден суптилен начин на влијание со поистоветување, претставува проблематизирањето и/или негирањето на демократскиот карактер на европските држави, кои јавно истапуваат против агресијата на Путин врз Украина. Ова е уште поопасно кога доаѓа од страна на член на Македонската академија на науки и уметности – МАНУ.
Само како пример, на својот ФБ-статус (што потоа е пренесено и во неколку медиуми и споделено на социјалните мрежи), академик Катица Ќулафкова ни соопштува дека:
Но денес, март 2022 година, по неколкудневната специјална руска воена интервенција во Украина, сиот „прогресивен“ европски и американски свет, па дури и северно-македонскиот, на голема врата ја промовираше бруталната политика на бојкот на уметноста и културата со руски предзнак. Речиси хистерично се забрануваат изведби, промоции, настава, дистрибуција и комуникација на врвни и популарни уметнички дела и ремек-дела, бестселери, театарски претстави, филмови, концерти, автори, композитори, сликари, оперски певци, спортски настани, само затоа што имаат руски предзнак.
Со каква невидена морална и интелектуална леснотија се забранува Достоевски, Чехов, Чајковски, рускиот балет, руската романса…? Тотална декаденција на просветителскиот дух на Европа.
Зошто и како е една ваква објава опасна и претставува пример за ширење на руското влијание во Македонија?
Навидум легитимниот повик за заштита на човековото културно и уметничко и интелектуално наследство во себе носи скриена содржина, која еднострано и неаргументирано го осудува десјтвувањето на западноевропските демократии, ја негира нивната демократичност и става знак на равенство меѓу нивното дејствување и воената агресија на Путин во Украина.
Како се изведува актот на суптилно изедначување, префрлање на вината и еднострана осуда (во прилог на Путин и неговата агресија)?
Прво, пред овој текст, академик Ќулафкова нема објавено на својот ФБ-профил ниту еден друг текст со кој ја осудува воената агресија на Путин врз Украина. Тоа значи дека јавноста тргнува од претпоставката дека академик Ќулафкова не наоѓа ништо лошо во оваа агресија.
Второ, војната на Путин против Украина ја нарекува „специјална воена операција“ согласно барањата на путиновата администрација, која негира дека во Украина се води војна.
Трето, го става под наводници зборот „прогресивност“, со што ја проблематизира и негира прогресивноста на западните демократии.
Четврто, зборува за „брутална политика“ на бојкот на уметност и култура што има руски предзнак, обвинувајќи за хистерични забрани на:
Достоевски, Чехов, Чајковски, рускиот балет, руската романса…? Тотална декаденција на просветителскиот дух на Европа.
При што не дава ниту еден линк или конкретен случај на овие забрани (ставени во контекстот на секој од дадените случаи).
Така, не се спомнува дека обидот за забрана на изучување на Достоевски наишол на многу остра и брза реакција од академската заедница и бил осуетен. Не спомнува дека диригентот Валериј Георгиев, кој е присилен да даде оставка од позицијата почесен претседател на Меѓународниот фестивал во Единбург, се солидаризирал со Путин и не се дистанцирал од агресијата на Путин врз Украина. Не спомнува дека нема да има руски павилјон на Венецијанското биенале затоа што руските уметници се повлекле со објаснување дека:
Нема место за уметност кога умираат цивили под оган на ракети, кога граѓаните на Украина се кријат во засолништа, кога руските демонстранти се замолчувани.
И што е најважно, академик Ќулафкова не наоѓа место во својата објава да искаже загриженост за украинските уметници, за загрозеното уметничко наследство во Украина и за веќе уништените уметнички дела како резултат на агресијата на Путин во Украина.
Својот напис академик Ќулафкова го завршува со прашањето:
Quo vadis, Europa? Се соочуваш ли со мутиран нацизам од транснационален вид?
Вака поставено тоа јасно имплицира нацистички карактеристики за европските држави и води кон „логичниот заклучок“ за сите овие активности, а тоа е оправдувањето на воената агресија на Путин врз Украина.
Она што ќе го прочитате сега Путин го кажа пред два месеци, а го пренесе британски Гардијан на 21 декември 2021. По овие изјави ќе ви стане јасно дека Западот всушност со своите потези ја истурка Русија во ќош, а Путин едноставно немаше друг избор, бидејќи Русија беше загрозена во својот двор. Ако противникот едноставно не сака да разговара и да прави компромиси, тогаш војната е единственото решение. На крајот на краиштата, да се потсетиме на кубанската ракетна криза, ниту САД не можеа да дозволат ракети во својот двор.
ТРЕТОТО НИВО, оправдувањето на агресијата на Путин врз Украина е спакувано во наводната русофобија
Често е претставено како борба со фашизмот во Европа и европските држави
Понатаму се развива во тврдењето дека станува збор за одбранбена војна
„Планирана е трета светска војна против Русија“ – шоkaнтно тврдење на поранешниот премиер на Украина
Сè до многу јасната поддршка дадена од страна на претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев. (Која наоѓа место во реномираниот неделник „Фокус“):
За мене е оправдана руската интервенција бидејќи беа доведени во состојба да нема повеќе што да изгубат ако НАТО им дојде на самата граница. Прашувам, како би реагирале НАТО и САД во една претпоставена ситуација, доколку Канада или Мексико, влезат во воен сојуз со Русија и следствено на ова, од руска страна се натрупа руско оружје на границата со САД. Како во таков случај би постапиле Американците?
Ниту една од овие тези не е поткрепена со релевантни податоци, аргументи, анализи, факти… Меѓутоа, со својата сè поголема бројност, тие се обидуваат да создадат впечаток дека постои некоја „затскриена“ вистина, голем заговор, сосема поинаква ситуација од онаа која луѓето можат да ја видат како се одвива пред нивните очи.
И за секој случај, тука е уште една порака од уште еден интелектуалец Â дека она што се случува во Украина е многу трагично и тажно, меѓутоа нема врска со Македонија и со нашиот живот:
Срце ме боли кога гледам дека македонскиот народ се дели по прашањето на тоа кој дали е за Русија или за Украина. Јас претпочитам сите да бидат за Македонија. За жал, само неколку стотини, од време на време по неколку илјади, бевме оние идеалисти кои окапаа по улиците, пред Собранието и пред Владата, борејќи се за Македонија. Мнозинството си остана дома и преќуте се’!
Жал ми е, што не ја гледате големата слика, а таа е, додека сите вие се карате, тепате, колнете, некој прави пари. Не влегувајте во туѓи агенди. Сакајте се, чувајте си ги фамилиите и најблиските, и не заборавајте, Македонија пред се’!
Според оваа порака, затоа што се сите исти и нема разлика во вредносните системи кои ги нудат, станува збор само за игри во кои нема место за нас и најдобро е да не заземаме страна, затоа што единствена страна која треба да нè интересира е оваа нашава.
На овој начин не само што се изедначуваат западните демократии и путиновиот режим во Русија, туку се пропагира држење страна и приклонување кон победникот, кој и да е тој.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар