gogo

A+ R A-


Видео дезинформира дека припадници на Азов баталјонот палат руски војници на крст

https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2022/03/azov-1.png

Фото: Принтскрин видео

Нема докази дека војници од Азов палат руски војници живи на крст, а видеото кое кружи на Интернет е старо седум година и не е поврзано со руската инвазија на Украина

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува текст од портал, со наслов: „Фашистите од украински Азов ги палат руските војници живи на крст, и откако ќе ги распнат ги колат и им пукаат во глава“.

Некои пријатели ми пратија снимки од егзекуции на руски војници во режија на украинскиот нацистички баталјон Азов. Палење живи на крст, откако ќе ги распнат. Колење. Пукање во глава.
Лепота. Секако дека нема да ги објавам. Ова чисто да знаете што мислеше Путин кога велеше денацификација на Украина. А да знаат и патетичнине первертити во Брисел кога зборуваат за Хаг и воени злосторства. Оти Русите ќе им отидат со овие снимки, се вели во написот.

Текстот е објавен на 1 март 2022 година, откако е почната руската инвазија во Украина.

За таков настан каков што се опишува во текстот, веќе имаат пишувано проверувачи на факти од странство. Фотографиите коишто ги споделуваат може да се погледнат на следниот линк.

Исто како и во постот што го рецензираме, и во нивните видеоматеријали и фотографии се тврди дека украински војници на крст распнале руски војник, дека го запалиле жив, а сето тоа се доведува во корелација со баталјонот Азов.

Меѓутоа, видеото кружи на социјалните мрежи од 2015 година, така што овие постови се дезинформација. Тврдењата дека баталјонот Азов распнал на крст и запалил војници од Донбас, на социјалните мрежи се шират од 2015 година, иако не постојат никакви докази за тие тврдења. Претставници на баталјонот негираат поврзаност со видеото.

Баталјонот Азов во одговор на видеото истакна дека тоа служи за да ги дискредитира и дека е пример на информациската војна против Украина. Според нив, униформите на војниците во видеото се разликуваат од оние на баталјонот Азов, зашто ознаката на рамото е многу поголема отколку што треба да биде. Исто така, посочуваат дека лицето кога е кренато на крстот, не пушта глас, а видеото од нејасни причини престанува наскоро откако огнот е запален без никакво објаснување.

Во Фејсбук објава од Азов баталјонот, тие посочија и дека украинскиот јазик на кој зборуваат војниците во видеото не е течен.

За Азов има дезинформации на интернет и дека се вклучени во бесења но, според проверувачи на факти од Украина, видеото кое прикажува бесење на две лица е монтирано.

Не е првпат баталјонот Азов да биде мета на лаги. Во 2014 година се прошири фотографија на која наводно беа претставени регрутациите за овој баталјон. На фотографијата имаше лице со нацистички симболи истетовирани на него. Проверувачи на факти веќе утврдија дека човекот нема никаква поврзаност со баталјонот Азов а фотографијата е монтажа.

Поради сите горенавдени факти оценуваме дека нема докази дека војници од Азов палат руски војници живи на крст, а видеото на Интернет кружи од 2015 година и не е поврзано со руската инвазија на Украина која почна на 24 февруари 2022 година.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.