Двајца македонски фудбалери, напаѓачот Ангел Нацев и стоперот Влатко Дробаров, деновиве се преселија на американскиот континент и една година ќе бидат дел од мексиканската втора лига. По точно петнаесет години од трансферот на поранешниот фудбалски репрезентативец Виктор Треневски во мексиканскиот прволигаш Пуебла, нашата земја повторно ќе има фудбалски амбасадори во далечното Мексико. Новата фудбалска дестинација на Нацев и Дробаров ќе биде клубот Мурсиелагос од градот Гуамухил.
-Ова дефинитивно ќе биде нов голем предизвик во нашите кариери. Заминавме во една фудбалска земја со долга традиција на големи успеси, каде се игра многу квалитетен фудбал дури и во второлигашката конкуренција. Не знаеме многу за нашиот клуб Мурсиелагос. На клупската веб-страна пишуваше дека сме доведени како засилувања за шампионска титула, што значи дека во клубот веруваат во нашите квалитети – изјави Нацев.
Штипјанецот досега го носел дресот на Брегалница, Силекс и Хоризонт Турново, а ова ќе му биде прв интернационален трансфер. Во иста насока се движеше и кариерата на Влатко Дробаров, кој бил дел од Скопје, Напредок и Тетекс. И за него Мурсиелагос ќе биде прв странски клуб за кој настапувал. Оливер Арсовски www.dnevnik.com.mk