
Потпишав за кипарскиот Ермис за да докажам дека вредам и дека местото не ми е на клупата за резерви, изјави голманот Мартин Богатинов за спортскиот портал Спортмедија. Во 2010 година Мартин Богатинов беше избран за најдобар фудбалер во макеодонското првенство како голман на Работнички, по што следеше и негов извонреден почеток на интернационалната кариера во украинскиот прволигаш Карпати. Со неговата одлична форма дојде и повик за македонската репрезентација, за која забележа 15 настапи.
Но, по недоразбирањата со украинскиот клуб и раскинот на договорот минатата сезона, следеше „греење на клупата“ на романска Стеауа, со што го загуби и местото во националниот тим. Летово Богатинов (28) одлучи дека сѐ уште му е рано да биде резерва и потпиша договор со кипарскиот прволигаш Ермис, кој летово ќе има настап и во квалификациите за Лигата на Европа.
„Потпишав на една година со можност на продолжување на договорот на уште една. Брзо се договоривме, немаше натегање. Со Стеауа раскинав и завршив со нив, имав можност за продолжување ама не сакав. Дојдов на Кипар за да играм, рано ми е да седам на клупа. Сакам да покажам дека сѐ уште вредам. Ќе играме во Лига Европа, па да видиме таму како ќе се покажеме, а ми најавија и дека ќе има уште засилувања“, вели Богатинов.
Тој се приклучи на тренинзите на Ермис изминатава недела, а екипата ќе има подготовки сѐ до пред првиот официјален меч, од третото квалификациско коло во Лигата на Европа, на почетокот на август. Богатинов се надева дека со добрите игри во новиот клуб ќе се врати и на списокот на репрезентацијата.
„Мое е да бранам, тоа е она што најдобро знам да го правам, а ако се задоволни од моите настапи, јас секогаш сум подготвен да играм за репрезентацијата, тоа е чест за секој фудбалер“, вели Богатинов.