Добринко Илиевски – Пижон веќе не е тренер на фудбалскиот прволигаш Брегалница. Стратегот кој го одведе штипскиот клуб до пласман во полуфиналето на националниот Куп, по малку неочекувано доби отказно решение од раководството на клубот. Неофицијално, причината за прекинот на соработката се слабите резултати во домашното првенство, каде на Брегалница не и цветаат рози и се најде во зоната на испаѓање.
-Ми се чини дека мојот отказ е резултат на данокот што го плативме бркајќи резултати во Куп-натпреварувањето. Брегалница нема толкав фонд на играчи што може паралелно да игра со успех на два фронта. Во првенството одигравме послабо, особено на домашен терен и се најдовме во опасната зона. Дополнителен проблем е што во Брегалница извесен период има двојно, паралелно раководство, па можеби и поарно е што се тргнав навреме од една таква средина – ни рече Илиевски.
Најпосакуваното решение за наследник на Илиевски е штипјанецот Влатко Костов, иако во овој миг тој е прескап тренер за штипскиот колектив. Најголеми шанси му се даваат на Гордан Здравков, кој моментално е без ангажман, а во игра е и Драган Христовски кој нема про-лиценца. Во играчкиот ростер на Брегалница засега нема големи промени. Секретарот Бојчев посочи дека Аргировски, Шопов и Христов се слободни играчи, а останатите се под договорна обврска.