По низата турбуленции околу финансирањето и сагата околу назначувањето нов шеф на стручниот штаб, се смирија тензиите во таборот на штипскиот прволигаш Брегалница. Откако добија финансиска инјекција од Општината во висина од 305.000 евра, веднаш беше назначен новиот тренер Добринко Илиевски, а пристигнаа и неколку квалитетни имиња, главно повратници од странство. Одбраната ќе добие на сигурност со ангажманот на искусниот Горан Димовски, кој настапуваше за молдавската Дачија, но и на поранешниот играч на Шкендија и Металург, Владимир Никитовиќ. Далеку поголема ефикасност се очекува и од нападот на Брегалница, каде зимава беа ангажирани Зоран Златковски и Марјан Андонов.
-Со ангажирањето на овие четворица фудбалери, мислам дека осетно се засиливме. Очекувањата се напролет да прикажеме што подобри игри и да се обидеме да стигнеме до четвртото место, за кое сметам дека не е недостижно. Со таа цел заминавме на квалитетни подготовки во Сандански (Бугарија), каде ќе одиграме контролни средби со Марек Дупница, Гоце Делчев, а преговараме и со Пирин. В недела на враќање ќе се сретнеме со Младост Лучане во Дојран, а завршната глазура ќе биде против Хоризонт во Штип и Силекс во Кратово - ни изјави претседателот на Брегалница, Горан Даскалов.
Штипјани зимава останаа без услугите на Марјан Белчев, Владо Данилов и српскиот интернационалец Душан Дуњиќ.
-Се надевам дека напролет ќе добијам вистинска шанса да покажам што знам, а тоа значи и поголема минутажа во однос на есенскиот дел кога бев во сенка кај стариот тренер Спасов. Сега конкуренцијата е зголемена, но тоа значи посилен поттик за уште подобри игри - ни изјави Нацев.