Денеска (16 часот) се игра дербито во второлигашката конкуренција меѓу Маџари и Силекс. Иако пред почетокот на првенството сите очекуваа Силекс да биде неприкосновен лидер, а Маџари таму некаде во средината, по пет кола ситуацијата е обратна. Маџари е прв со ефект „5 од 5“ и стопроцентен учинок, а Силекс е во средината со две победи и три ремија, или вкупно девет бода.
-Денешниот меч треба да биде пресвртница за нас. Одиме по три бода, по целиот плен бидејќи сметам дека сме кадарни за такво нешто. Имаме квалитетен состав, и противникот исто така, но ние сме максимално подготвени за предизвикот и ќе излеземе како победници. И да му порачам на мојот добар другар и поранешен мој соиграч, а сега голман на Маџари, Христијан Митковски, дека денеска трипати ќе ја вади топката од мрежата - истакна брзоногиот десен бек на кратовци Иван Насевски - Цикли.
Возврати и Митковски, кој го мисли спротивното.
-Маџари докажа дека е млад и квалитетен состав кој може да го победи и Силекс и да ја продолжиме стопроцентната серија. А на Цикли ќе му порачам да си бара друг голман на кој ќе му дадат три гола, бидејќи денеска јас не планирам да ја вадам топката од мрежа - порача Митковски. Оливер Арсовски