Пет месеци минаа откако македонските фудбалери Ангел Нацев и Влатко Дробаров фудбалскиот леб го вадат во далечното Мексико. Второлигашот Мурсиелагос и за двајцата играчи значеше прво интернационално искуство и прво заминување надвор од границите на својата држава. Скопјанецот Дробаров полесно се привикна на мексиканскиот живот, додека штипјанецот Нацев не е многу среќен од другата страна на Атлантикот.
-Пет месеци сум во Мексико, но се чувствувам како да сум пет години. Носталгијата ме уби, ми недостига родниот Штип, девојка ми, штипската пастрмајлија. Договорот ми истекува дури во јуни, но можно е зимава да се вратам во Штип и да не помислам на враќање во Мексико. Сакам да играм фудбал, а во Мурсиелагос често седев на клупата и ако не се променат работите на подобро, не сум сигурен дека ќе останам до јуни – вели Нацев. За разлика од него, Дробаров одлично се снајде во новата средина и е клучна алка во одбраната на Мурсиелагос.
-Кога летово пристигнав во Мексико, знаев дека ќе бидам на големи искушенија. Сепак, брзо се адаптирав во клубот и станав првотимец, а се навикнав и на мексиканскиот стил на живеење. Почнав да го учам шпанскиот јазик и сега се оди полесно. Играме пред полни стадиони и чувствувам напредок во кариерата. Е сега, овде не може да се ужива како дома, ама свесен сум дека во Мексико заминав на печалба, а пари има, и тоа далеку повеќе од македонскиот фудбал – истакна Дробаров, кој сигурно и напролет останува да го носи дресот на Мурсиелагос во исчекување на првиот погодок за својот клуб. Оливер Арсовски