gogo

A+ R A-


Феноменот од Живалево со џиновска сила

alt

Сашо Ивановски е самоук спортист и во изминатите 16 години при обликувањето на вежбите ги користел само личното искуство и понекој совет од пријателите. Младешкиот порив да се опроба во спортот, а под влијание на информациите што ги слушнал како 17-годишник дека во ЈНА имало луѓе што правеле по стотина склекови, го испровоцирале денес 33-годишниот Сашо Ивановски од кратовското село Живалево да крева тегови, да прави склекови и да се крева на шипката во дворот. Веќе 16 години секојдневно тренира и денес овој градежен работник успева за 41 минута да направи 830 склека, односно прави 20 склека на една минута.
- Кога почнав да вежбам веднаш забележав промени на телото; ми се оформуваа и зацврстуваа мускулите. Штом почнав да правам над 100 склека почнаа да ми минуваат и болките и се' стана рутина. Никогаш немав користено стручна литература, ниту пак се распрашував. Случајно, при една крводарителна акција еден лекар ми кажа како правилно да дишам и повеќе од 4 секунди да не го задржувам воздухот во градите. Тој совет и денес го практикувам. Три години секој ден вежбав и правев по 250 склека и почнав да кревам тегови од 30 до 80 килограми - вели Ивановски.

Имало и период кога Сашо воопшто не вежбал, но честата несоница била главната причина поради која пак почнал да прави склекови, да прави машки и женски шпаги. Низ годините станал и подисциплиниран и вовел своја рутина во вежбањето.

- Три серии правам на раце, а една серија склекови правам на „боксови“. На почетокот ми беше тешко да правам склекови со стиснати тупаници, а потоа, преку вежбањето, сфатив како ми е подобро и полесно да ги правам без да се плашам дека ќе се повредам - објаснува Ивановски и додава: секогаш вежбите ги почнувам прво со неколкуминутно добро загревање на мускулатурата, потоа правам десетина склека, па пак вежби за загревање, шпаги, по што се концентрирам и ставам часовник пред мене за да видам за колку време ги правам. Најчесто вежбам од 20.30 часот до речиси 22 часот.

Така, тој во понеделник вежба без прекин, односно 830 склека ги прави за 41 минута, во вторник вежба со прекини, среда не вежба, во четврток со прекини, во петок без, во сабота се одмора и во недела со прекин.

- Кога ќе ги направам тие 830 склека се чувствувам многу посвеж, побрзо заспивам и поубаво спијам. На почетокот имав желба да постигнам некаков рекорд, но сега се трудам само да направам што е можно повеќе склека - вели Ивановски.

Изминативе девет години тој живее во Скопје, но воопшто не наишол на информации за тоа дали некој друг прави толку многу склекови, ниту пак дали има спортски здруженија каде што би можел да го покаже и доразвие овој свој талент.

Ивановски верува дека правилно ги прави склековите и, според него, кога човек вежба, најважно е да биде добро концентриран и рамномерно да ја распредели тежината на своето тело за да не дојде до некакви деформитети и повредувања.

Ако некој го повика на натпревар или на дуел, Ивановски вели дека е подготвен јавно да ја презентира оваа своја пасија и да покаже колку е добар во правењето склекови и шпаги.

Низ годиниве овие вежби му помогнале да ја одржи својата здравствена, психичка и пред се' физичка кондиција, да има убаво и правилно изградено тело. Одличната психофизичка кондиција тој сакал да ја искористи и да најде вработување како професионален војник или полицаец, но сепак останал во градежништвото.

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.