Се чини дека кратовци ја пронајдоа замената за голгетерот Игор Недељковиќ, кој е на добар пат да се пресели на Далениот Исток. Екипата на Силекс го договори првото засилување за зимскиот преоден рок. Тоа е 24-годишниот Филип Тимов, кој во Кратово се сели од второлигашот Хоризонт Турново. Тимов ќе потпише договор на една ипол година, односно до крајот на сезоната 2017/2018.
Станува збор за играч кој најчесто настапува на крилните позиции, а може да игра и како истурен во нападот. И покрај релативната младост, тој веќе има завидно меѓународно искуство. Кариерата ја почна во струмичка Беласица, по што играше за Анкаран и Копер во Словенија, на Кипар во Арис Лимасол, во Романија во Конкордија и во Импулс Диријан и Банантс во Ерменија, од каде минатата зима дојде во Хоризонт.
Тимов има 11 настапи за нашата репрезентација до 21 година, за која постигна и еден гол.