На големиот христијански празник Водици, неколку спортски ентузијасти предводени од Иванчо Спасовски, Бранко Младеновски, Драган, започнаа сериозен проект за развојот на фудбалот во општината Кратово. Фудбалскиот клуб Кратово кој настапува во Меѓуопштинската фудбалска лига ќе прерасне во градски клуб, а веќе располага и со своја канцеларија веднаш над тениското игралиште во Кратово.
-Клубот е формиран пред десеттина години под име ФК Здравје, бидејќи беше спонзориран од Здравствениот дом во Кратово. Нешто подоцна клубот го смени името во ФК Кратово и неколку сезони настапуваше во првата македонска футсал лига. Идејата е да им се даде шанса на сите оние млади талентирани деца кои нема да добијат шанса во фудбалскиот клуб Силекс, да се обидат преку нашиот клуб да спортуваат и изградат фудбалска кариера. Клубот го воскреснаа неколкумина поранешни фудбалери на ФК Кратово, застанаа финансиски и кадровски зад него и се надеваме дека брзо ќе напредуваме на спортски план. Есенската полусезона настапувавме во Меѓуопштинската лига во голем фудбал, а напролет очекуваме подобри резултати – вели Драган Додевски.
За претседател на клубот е именуван Слободан Анчевски – Боте, а за потпретседател Иванчо Спасовски. Клубот финансиски ќе го помагаат неколкумина бизнисмени од Кратово (Слободан Анчевски, Сречко Миневски, Љупчо Давитковски, фирмите Индо минерали и метали и Никоб обезбедување), ќе биде поддржан и од досегашниот тренер Бранко Младеновски, а поддршка е најавена и од градоначалникот на Општината.