Ане
Андовски продолжува во Силекс, Глигоров заминува
пишува - Оливер Арсовски
Ане Андовски, играчката легенда на Силекс, повторно ја доби довербата од раководството на кратовци и во новата сезона пак ќе седи на клупата на кратовскиот прволигаш. По пристигнувањето во Силекс пред 18 месеци, тој успеа во првата сезона да го извлече Силекс од опасната зона а во изминатата сезона го одведе тимот до високото петто место и беше на чекор до излез на евро-сцената.
Старо-новиот тренер почетокот на подготовките го закажа за 16 јуни, но овојпат прозивката нема да биде во Кратово, туку директно во традиционалната база во Охрид. Што се однесува до играчкиот кадар, наесен сигурно ќе го нема на располагање најдобриот играч Глигор Глигоров, кому договорот со Силекс му истече.
- Време е на најдобар начин да се разделам со клубот во кој доживеав фудбалска афирмација. Младоста ја оставив тука, дресот на Силекс го носам од петнаесетгодишна возраст и летово заминувам во нова, се надевам, европска средина. Интерес пројавуваат повеќе клубови, некои од нив и во минатите години посакуваа да ме ангажираат, но малку потешко одат работите бидејќи немам свој менаџер кој ќе ми брка клуб, туку одам преку пријателски врски - вели 22-годишниот играч на Силекс.
Покрај него, пред заминување се и Зоран Шалевски, Златко Бошковски, Ванчо Трајчов, Душко Андонов и Никола Шакиќ. Со дел од нив управата на кратовци ќе преговара за нов ангажман, а на останатите ќе им се заблагодари за досегашната соработка.