Интервју со Наташа Андонова, најдобрата млада фудбалерка во Европа
Посакувам фудбалер за дечко
пишува - Оливер Арсовски
Додека нејзините врснички бркаат дечковци и бегаат од часови, седумнаесетгодишната тинејџерка Наташа Андонова неуморно и со голема страст ја бркаше фудбалската топка по зелените терени. Македонија, а може да се каже и Европа, ја запознаа во најдобро светло на Европското првенство за девојки под 19 години, што во јуни се одржа во Скопје и Куманово. Фудбалската уметност што ја демонстрираше на теренот, како и головите од центарот на игралиштетото кои станаа нејзина специјалност, ја лансираа меѓу ѕвездите на женскиот фудбал. Скромната неготинчанка деновиве ги бере плодовите од макотрпната работа со која се вивна во фудбалските височини. УЕФА ја прогласи за најдобар млад играч за 2010 година, за веднаш потоа да следи спектакуларен трансфер во актуелниот германски и европски првак Турбине Потсдам.
ВЕСТ: Раскажи ни како и зошто стана фудбалерка? Тоа е невообичаена професија за една девојка во Македонија...
-Уште како мало дете со татко ми одев на стадион и рекреативно играв фудбал со останатите деца. Но, како што минуваше времето, се повеќе чувствував како ја засакувам оваа спортска игра.Првите неколку години тренирав во машкиот фудбалски клуб Неготино, а од дванаесеттата година се префрлив во женскиот фудбалски клуб Тиквешанка.
ВЕСТ: Каква е Наташа Андонова приватно, далеку од окото на јавноста? Има ли некое хоби, страст кон нешто друго освен фудбалот?
- По природа сум скромна, дружељубива и одговорна личност. Освен фудбалот кој веќе стана моја професија, во слободното време слушам музика и гледам филмови, а чувствувам голема страст кон мотоциклите. Учам во средното училиште "Св.Кирил и Методи" во Неготино, во трета година. Имам помала сестра која исто како мене се занимава со фудбал, прилично е талентирана и настапува во одбранбената линија. Неблагодарно е да правам споредби со сестра ми, бидејќи настапуваме на различни позиции.
ВЕСТ: Како успеваш да ги ускладиш обврските во училиштето со секојдневните тренинзи... Ти останува ли слободно време за излегување со пријателите?
-Имам премногу обврски, но засега успевам да пронајдам баланс меѓу училишните обврски и спортот. На училиште имам голема поддршка и разбирање од страна на професорите и директорката, за што многу сум им благодарна. Некогаш ми останува толку малку време од денот, што не можам да се видам ниту со моите најблиски во семејството.
ВЕСТ: Има ли Наташа дечко? Доколку нема, дали и годи популарноста, има ли многу додворувачи?
-Немам дечко, но затоа од додворувачи не можам глава да кренам. Признавам дека ми годи популарноста со која засега добро се справувам. Сеуште сум млада и е навистина рано за сериозни љубовни врски. Ако во блиска иднина си фатам дечко, би сакала тоа да биде фудбалер. Мислам дека одлично би функционирала љубовна врска помеѓу двајца спортисти.
ВЕСТ: Со репрезентацијата и фудбалскиот клуб Борец ја пропатува Европа. Која земја и град ти оставија посебен впечаток и зошто?
-Прошетав во поголемиот дел од Европа, дел со репрезентацијата, дел со клубот Борец. Тоа е убавата страна на спортот бидејќи овозможува многу патувања и запознавање нови култури. Последната земја што ја посетив како фудбалерка е Литванија, а највеличествен град што сум го видела е Осло.
ВЕСТ: Кој ти е најдраг гол во кариерата?
-Ова е многу тешко прашање бидејќи секој мој постигнат гол ми е драг. Ако треба да издвојам еден, најдраг ми е голот на турнирот во Сандански (Бугарија) кој го постигнав од 40 метри од слободен удар против бугарскиот првак НСА Софија.
ВЕСТ: Како дојде до трансфер во актуелниот европски првак Турбине Потсдам?
-По одличните настапи на ЕП за играчи под 19 години, имаше многу заинтресирани екипи од Германија,Франција,Шпанија кои сакаа да ме видат во своите редови. Потоа дојде и признанието од УЕФА за најдобар млад играч во Европа за оваа година, по што комплетно ми се отвори патот за трансфер во Турбине Потсдам. Заминувам заедно со мојата сестра, а германците ни обезбедија квалитетно школување, сместување, солидна плата и се што ни треба за удобен живот. Сеуште не сум почнала да учам германски, но верувам дека јазикот нема да биде пречка за мојата адаптација во новиот клуб.