Годината која на фудбалски план му донесе одлични резултати, прилепчанецот Илија Несторовски одлучи да ја круниса на личен план со свршувачка. На последниот ден од мината година, во предвечерието на највеселата ноќ, напаѓачот на Интер Запрешиќ смислил неповторливо сценарио како да ја запроси својата долгогодишна љубов Мартина Тренеска.
-Неколку дена се мислев на кој начин да ја запросам, а тоа да биде нешто оригинално и романтично. На крај одлучив да поставам свечена маса во прилепскиот парк „Могила на непобедените“, неколку виолини и гитари беа подготвени за свирка, а нашите заеднички пријатели ги сокрив во околните грмушки. Откако се беше подготвено, испратив Дедо Мраз со вовче да ја земе Мартина
од нејзиниот дом и да ја донесе на Могила. Кога пристигна, пријатно се изненади, а кулминацијата се случи кога Мартина ја сечеше специјалната торта. Внатре во тортата го сокрив свршеничкиот прстен, а кога Мартина го пронајде, тогаш настапив јас и ја побарав за жена. Кога ми го кажа судбинското „да“, на масата ни се приклучија музичарите и пријателите и направивме една убава романтична веселба – ни ја раскажа приказната Несторовски.
Илија и Мартина се заедно веќе 4,5 години. Таа е дипломиран професор по англиски јазик, живее во Прилеп, но најчесто е таму кај што живее Илија.
-Мартина е мој верен придружник секаде каде што сум бил работно ангажиран. Живееше со мене во Прага кога играв за Словачко, а сега е со мене во Запрешиќ, предградието на Загреб. Таа ми е голема потпора во кариерата, посебно во оваа за мене неповторлива полусезона. Во дресот на Интер се истурив од голови, прв стрелец сум во второлигашката конкуренција и веќе добив многу понуди за промена на клупската средина. Се надевам дека со добар трансфер ќе ја заокружам една од најдобрите години на личен и професионален план – заврши Несторовски. Оливер Арсовски
www.vest.mk