Силекс - Работнички 2-0 (0-0)
пишува - Оливер Арсовски
Силекс
Божиновски 3
Лампевски 3
Мишовски 3,5
Петров 3
Костадиновски 3
Бошковски 3,5
Стојановски 3
Атлески 3,5
Заревски 3
Дуриќ 3 (63' Нацев3)
Темелков 3,5
Работнички
Богатинов 2,5
Секуловски 2
Димовски 1,5
Џангаровски 2
Фернандо 1,5
Вујчиќ 2,5
Маневски 1,5
Глигоров 1,5
Тодоровски 1,5 (76' Марсио /)
Фабио 1 (69' Синковиќ 1,5)
Вандеир 2
од записникот:
Градски стадион во Кратово. Гледачи 500. Главен судија: Љубомир Крстевски. Помошници: Панде Атанасов и Злате Лозановски (сите од Битола)
Делегат: Душан Мандаровски (Скопје)
Стрелци: Темелков 73' и 90+4' (С)
Жолти картони: Божиновски, Костадиновски, Стојановски, Темелков (С), Богатинов (Р)
Играч на натпреварот: Александар Темелков (С)
Темелков го демолира Работнички
Малкумина веруваа дека Силекс ќе може да го репризира мечот од ланската сезона, кога во Кратово бродот на Работнички беше потопен со два проектили уште во првиот дел. Завчера се наликуваше на тој меч, повторно судијата Љубомир Крстевски на центарот, повторно дожд во сите 90 минути, и види чудо, повторно две парчиња во мрежата на Работнички, но овојпат во второто полувреме. За оние кои беа на трибините во Кратово, а ги имаше околу петстотини, триумфот на Силекс не е изненадување, бидејќи Силекс го одигра најдобриот меч сезонава. Младиот состав на кратовци вообичаено мечот го започна во грч, но тоа не успеа да го казни искусниот состав на Зоран Стратев, кој пропушти три зрели прилики да дојде во водство. Трипати Фабио Силва беше во извонредни ситуации, но Бразилецот прописно се посрамоти. И тоа беше се што видовме од Работнички.
Откако се ослободија од притисокот, играчите на Силекс ја презедоа комплетно иницијативата и во вториот дел царуваа на теренот. Дека еден бод не ги задоволува апетитите на домашните фудбалери, се виде веќе на почетокот од вториот дел, кога Атлески ја погоди пречката и најави нова офанзива на својот тим. Погодокот дојде во 73 мин. кога агилниот Бошковски изведе корнер, одбраната на "романтичарите" направи несфатлива грешка и дозволи топката да стигне до осамениот Темелков, кој рутински го совлада немоќниот Богатинов. Од тој момент, гостите фрлија се на една карта, напад, но младите и полетни кратовци ја искористија својата брзина и опасно го загрозуваа голот на гостите преку контри. Еден таков напад резултираше со најстрога казна за Силекс, откако кратовецот Мартин Богатинов го собори Нацев во 16-никот. Одговорноста ја презеде најдобриот играч на Силекс, Александар Темелков, кој со сигурен удар ги постави конечните 2-0.
Крцул во "нокдаун"
Главниот судија Љубомир Крстевски авторитетно го судеше мечот, доделувајќи четири жолти на домашните и еден на гостите. Откако му додели жолт картон на Борјан Стојановски за остра игра, во текот на вториот дел му се закануваше дека ќе го исклучи доколку продолжи да приговара на судиските одлуки. Тоа како да не му се допадна на Стојановски, кој во последните минути од мечот силно распали по топката и ненамерно го погоди во глава арбитарот. Крцул се најде во "нокдаун", но не ја прекина играта.
Кавга кој да шутира пенал
Интересна беше ситуацијата во последната минута од мечот кога Злате Бошковски и Александар Темелков се најдоа во "другарска" кавга кој да го изведе ударот од 11 метри. Разбирлива беше желбата на Бошковски да им забие гол на "своите", но од стручниот штаб стигна наредба да шутира Темелков, кој не згреши во проценката, бидејќи се затресе мрежата на гостите.
Минута по минута...
17' Бошковски одлично нафрли од левата страна, во 16-никот највисоко скокна Темелков, но ударот заврши крај дирекот
21' Вандеир му сервираше стопроцентна прилика на Фабио, но овој наместо да избира во кој агол ќе шутира, реагираше во стил на одбранбен фудбалер и со лизгачки старт ја "отстрани" опасноста
32' Повторно Фабио е во акција, но од само 15-тина метри откосо со силен волеј го префрли голот
38' Маневски го пронајде осамениот Вандеир на пеналтикот, овој наместо да бие, се одлучи да му ја спушти топката на Фабио, кој по вторпат се посрамоти биејќи од само 6-7 метри непрецизно
40' Заревски упати удар со глава, но крај голот
50' Атлески натрча на една одбиена топка и со силен удар од 20 метри ја здрма пречката на Богатинов
54' Темелков упати непрецизен удар од 25 метри
65' Вујчиќ опасно се закани од далечина, но ударот заврши крај дирекот
73' 1-0 ГОЛ Бошковски изведе конер, топката ја прелета комплетната гостинска одбрана, на вториот дирек на неа натрча Темелков и со остар удар по земја го совлада немоќниот Богатинов
76' Вандеир со волеј бие директно по средината на голот
90+4' 2-0 ГОЛ Заревски повлече брз контранапад, во празно го проигра Нацев, кој излезе очи в очи со гостинскиот голман, успеа да го мине, притоа Богатинов во немоќ го сруши и судијата Крстевски покажа на белата точка. Пеналот го изведе Темелков, Богатинов го процени ударот, но остана кус и топката отседна во мрежата
Изјави
Ане Андовски
"Честитки за моите фудбалери кои одиграа извонреден натпревар во кој сосема заслужено дојдоа до трите бода. Ме радува максималното залагање во текот на сите 90 минути, што говори за тоа дека повеќе ја посакуваа победата од гостинските фудбалери. Да не заборавиме дека моите играчи одиграа четири меча во последните десет дена и на дербито со Работнички се надминаа себеси", изјави расположениот Андовски
Зоран Стратев
"Пропуштивме можност мечот да го решиме уште во првиот дел, кога промашивме три одлични шанси преку Фабио. Во вториот дел Силекс беше подобар тим, иако одигра доста затворено. Тие знаеја да ги реализираат своите шанси и победата им е сосема заслужена. Честитки за домашниот тим", изјави стратегот на скопјани