gogo

A+ R A-


Фудбалски трансфери во МКД - лето 2012

 

пишува - Оливер Арсовски (текстовите се објавени во ВЕСТ и ДНЕВНИК)

Работнички го чека неизвесна иднина

 Слаб пазар за "романтичарите"

Од европски височини и дуели со Ливерпул и Лацио до испаѓање од елитното друштво и дуели на полјанките во Милетино и Врапчиште. Ова се проекциите на симпатизерите на трофејниот клуб Работнички, откако клубот од Дебар маало летово остана без најдобрите поединци, а имаше релативно слаб пазар. Тимот го напуштија Горан Богдановиќ (Рад Белград), Филип Деспотовски (Пиерикос), Борче Маневски (Вардар), Иван Настевски, Милош Живковиќ и Александар Василев. На нивно место беа ангажирани напаѓачот Генц Исени, стоперот Горан Тодорчев и Австралиецот Мајкл Цветковски. Пристигнаа и две засилувања од хрватскиот второлигаш Дугопоље, дефанзивецот Игор Черина и напаѓачот Стипе Плазибат.

 

-Иако некои предвреме го отпишуваат Работнички, нема да дозволиме клубот да заврши на дното. Годинава сигурно ќе му помогнам на Работнички, иако има интерес за мене од многу странски клубови - изјави Дарко Велковски, фудбалскиот "бисер" кој Еуроспорт го смести меѓу 20-те најголеми таленти во Источна Европа. (О.А.)


Левиот бек се сели во Грузија

Дарко Глишиќ потпишува за Динамо Тбилиси

Членот на младата фудбалска репрезентација, Дарко Глишиќ, денеска ќе потпише договор на една година со грузискиот клуб Динамо Тбилиси. Довчерашниот лев бек на Тетекс ќе тргне по стапките на Александар Крстески, кој предминатата сезона беше играч на Динамо.

-Цела недела сум на проба во Динамо, одиграв и неколку контролни натпревари. Раководството на Динамо беше задоволно од моите игри и ми понуди одличен финансиски договор, на кој денеска ќе ставам потпис. Овде има извонредни услови за напредок на еден млад фудбалер и мислам дека не згрешив – истакна Глишиќ, кому ова ќе му биде втор интернационален ангажман, по престојот во Сараево. (О.А.)

 

Ќе заигра ли првиот Македонец во јапонската Џеј-лига?

Настевски на проба во Хирошима

Талентираниот фудбалер на Работнички Иван Настевски е цврсто решен својата кариера да ја продолжи на Далечниот Исток. Откако пред дваесеттина дена замина да потпише договор со јужнокорејскиот клуб Сеул, во последен момент работите се искомплицираа и договорот пропадна. Сепак, македонскиот Меси, потрагата по нов клуб ја продолжи во "земјата на изгрејсонцето", каде веќе 3-4 дена се наоѓа на проба во второпласираниот тим во јапонското првенство Хирошима Сантафрече. Доколку задоволи со своите игри, тој ќе биде првиот Македонец кој заиграл во Џеј-лигата, каде веќе неколку години како помошник-тренер во Нагоја работи Бошко Ѓуровски. (О.А.)


 

Фудбалерот на Наполи ја плати котизацијата на прволигашот од Боговиње

 Блерим Џемаили ја крепи Дрита

Дека не заборавил од каде му се корените, говори гестот на фудбалерот на Наполи, Блерим Џемаили, кој деновиве направи несекојдневен потег. Клупскиот колега на Горан Пандев настапува за фудбалската репрезентација на Швајцарија, но роден е во тетовското село Боговиње, кое дочека од оваа сезона да има претставник во Првата фудбалска лига. Иако никогаш Џемаили не заиграл во дресот на Дрита, сепак овој клуб му е врежан во срцето и затоа „наполитанецот“ ја покажа својата љубов и ја плати котизацијата за учество во Првата лига во вредност од 12.000 евра

-Пред извесно време Џемаили донираше и неколку комплети дресови, а еве сега ја плати и котизацијата за учество во елитното друштво, за што сме премногу благодарни - изјави претседателот на клубот Абедин Алити.

Фудбалската експедиција на Дрита е на мини-подготовки во Бугарија, каде завчера одигра контролен меч со ЦСКА Софија и загуби со 0-2.   (О.А.)

 

Се крчка сензационален трансфер на напаѓачот на Марибор

Шеиците од ПСЖ го меркаат Ибраими

По Езекил Лавеци и Тиаго Силва, македонскиот репрезентативец Агим Ибраими би можел да биде третото засилување на пребогатиот француски клуб Пари Сен Жермен. Иако звучи неверојатно, сепак пребогатите катарски шеици, во чија сопственост се „светците“, се интересирале за напаѓачот на Марибор и стапиле во контакт со раководството на словенечкиот шампион. Словенечките медиуми откриваат дека тренерот на ПСЖ, Карло Анчелоти, испратил свој претставник во Марибор да преговара со спортскиот директор на „виолетовите“ Златко Заховиќ.

            Засега е сигурно дека летово тешко ќе се случи трансфер на Ибраими во ПСЖ, но потполно јасно е дека во следните неколку месеци напаѓачот ќе биде скениран од скаутите на францускиот вицепрвак. (О.А.)


 

Штипјани со звучно засилување

Аргентинец потпиша за Брегалница

Фудбалери од Бразил, Нигерија, Габон и многу други земји биле дел од македонското фудбалско првенство, но македонската публика досега немала можност да ужива во мајстории на играч од Аргентина. Таа привилегија ќе ја имаме во 21. фудбалски шампионат благодарение на штипска Брегалница, која вчера потпиша договор со аргентинецот Езекиел Росендо (27).

-По неколкудневна проба, одлучивме да го ангажираме аргентинецот Росендо, кој доаѓа од чешкиот клуб Бањик Мост, а како младинец го носел дресот на Аргентинос Јуниорс. Исто така разрешивме уште една дилема, Иван Митров нема да премине во Вардар, туку го продолжи договорот со Брегалница. За ден-два очекуваме и Генц Исени да ја продолжи верноста кон клубот – истакна директорот Илија Митров. (О.А.)


 

Младинскиот репрезентативец продолжува во Словенија

Хусмани најскап играч на Домжале

Младинскиот репрезентативец Зени Хусмани стана најскапиот фудбалер во ростерот на словенечкиот прволигаш Домжале. Играчот за врска деновиве го напушти хрватскиот клуб Шибеник и потпиша едногодишен договор со Словенците.

-Бев приморан да го напуштам Шибеник бидејќи испадна од елитното друштво, а во меѓувреме од Домжале беа најконкретни и ми понудија добри услови. Не знам колку заработуваат моите колеги во тимот, но според податоците на специјализираниот портал Трансфермаркт, во ростерот на Домжале сум убедливо најскап играч. Викендов очекувам да дебитирам против Целје, откако во првото коло започнавме со победа на гости со Олимпија – истакна Хусмани, кој има и седум настапи за јуниорската репрезентација. (О.А.)


 

Хоризонт ангажира квалитетни засилувања

Турновци со реновиран тим

Фудбалскиот прволигаш Хоризонт Здравје не би требало да има проблеми околу опстанокот во новата сезона, барем според пазарот што го направија во летниот преоден рок. Дејан Блажевски (повратник од Пиерикос, Грција), Немања Ѓуровиќ (Охрид 2004) и Филип Петковски (Работнички) ќе биде напаѓачкото трио кое треба да ги полни мрежите на противниците. Одличен потег е и ангажманот на младите фудбалери од Тиквеш, Лостовски, Вареловски и Костадиновски. Голем плус ќе биде и останувањето на искусните Ѓорѓи Мојсов и Томица Петров, кои не успеаја летово да заминат во странство.

-Бев многу блиску до трансфер во Украина, но на крај не излезе ништо од тоа. Се врати и Петров по неуспешниот обид во Војводина и Нанси, но можеби така е и подобро, затоа што сезонава дефинитивно имаме тим за атак на врвот – истакна Мојсов.

Клубот од Турново го напуштија српскиот интернационалец Саша Попин и талентираниот Драган Георгиев. (О.А.)

 

Штипјани со екстра - засилување

Наумов потпиша за Брегалница

По шест години поминати во странство, напаѓачот Ристе Наумов се врати во земјава и следната сезона ќе ја мине во домашното првенство. Поранешниот фудбалер на Омонија, Етникос Ахна, Жижков и Славија Прага се врати во родниот Штип и потпиша едногодишен договор со тимот на Брегалница.

-Се надевав дека уште некоја година ќе градам интернационална кариера, но сепак летово не успеав да направам трансфер. Ми пропадна трансферот во бугарскиот тим Етар, но затоа Брегалница понуди солидни услови и одлучив да продолжам во родниот Штип. Дополнителен мотив да останам во Штип е моето семејство, кое досега одделно живееше од мене - ни рече Наумов, кој завчера постигна погодок на "генералката" против Силекс, на која беа поразени со 1-2. (О.А.)


 

По само четири месеци во Норвешка

Мециновиќ во унгарскиот Егри

По само четири месеци поминати во норвешкото фудбалско првенство, младинскиот репрезентативец Јасмин Мециновиќ се пресели во новиот унгарски прволигаш Егри, каде настапува и неговиот врсник Симеон Христов. Откако во март потпиша за Согндал, набргу се повреди и не успеа да се врати во препознатливата форма.

-И покрај повредата, Согндал деновиве ми понуди нов договор на две години, но јас се одлучив за Егри. Унгарците ми понудија тригодишен договор и подобри финансиски услови, што беше пресудно да ставам потпис - ни изјави младиот дефанзивец.

Мециновиќ претходно настапуваше за Скопје, Шериф, Тираспол и Согндал. (О.А.)

 

Второлигашот со екстра-засилувања

Гостивар цели кон елитата

Проверените фудбалски имиња Ефтим Аксентиев, Бобан Џангаровски, Давор Игњатовски, Ѓоко Цветановски и Никола Зердевски, како и младите надежни фудбалери Даниел Талески и Борче Паунов се новите засилувања на второлигашот Гостивар. Клубот кој го предводи стратегот Тони Јакимоски летово создаде тим за високи дострели.

-Со ваков состав кој наликува на второлигашки "дрим-тим", ќе бидеме главни фаворити за влез во елитата. Имаме добар тренер и солидна финансиска конструкција и сите предуслови да го однесеме Гостивар ранг погоре - изјави Аксентиев. (О.А.)


 

Напаѓачот ја напушта Данска

Фетаи се сели во Денизлиспор

Повремениот напаѓач на македонската фудбалска репрезентација Бајрам Фетаи кариерата ја продолжува во Турција, во тимот на Денизлиспор. По неуспешниот трансфер во канадскиот клуб Монтреал Импакт, Фетаи ја прифати понудата на турскиот второлигаш, кој лани заврши на деветата позиција.

Голгетерот кој се прослави по боксерското славење на головите, речиси целата кариера ја помина во Данска. Осум години настапуваше во клубовите Б93, Силкеборг, Нордсјеланд и Лингби, а по една сезона настапуваше за шкотските тимови Глазгов Ренџерс и Инвернес. (О.А.)


 

Шкендија остана без талентот

Селмани се сели во Молдавија

Ерсен Сали се врати, а Јасир Селмани замина за Молдавија. Ваква разврска имаше летната трансфер-сага на двајцата довчерашни фудбалери на тетовска Шкендија. Откако во јуни потпиша за Дачија, Сали заради неисплатени две плати се врати во земјава и се наоѓа на крстопат меѓу Металург и Шкендија. Селмани, пак, тргна во обратен правец, потпишувајќи едногодишен договор со освојувачот на молдавскиот Куп, Милсами.

-Секој миг треба да пристигнат документите од Шкендија и официјално да станам играч на Милсами. Добив солидни финансии и гаранции за место во најдобрите 11 и веќе викендов ќе бидам во комбинација за настап – ни рече Селмани. (О.А.)

alt







Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.