gogo

A+ R A-


Глигор Глигоров потпиша на 1,5 година со босанскиот Зрињски

пишува - Оливер Арсовски   (објавено во www.sport.com.mk  и   www.dnevnik.com.mk )

По една година помината на азискиот континент, каде се закити со титула во шампионатот на Сингапур, поранешниот младински репрезентативец Глигор Глигоров повторно се враќа на европско тло. 26-годишниот злетовец и поранешен фудбалер на Силекс одлучи кариерата да ја продолжи во првенството на Босна и Херцеговина. Новата дестинација се вика Зрињски од Мостар, тим кој напролет ќе се бори за титулата во босанската Премиер -лига.
-Зимава се најдов на крстопат каде да ја продолжам кариерата. Со мојот досегашен клуб Тампинес Роверс ја освоив титулата во сингапурското првенство, но не успеавме да најдеме заеднички јазик за продолжување на соработката. Се вратив дома и набргу стигна поканата од Зрињски. Таму бев седум дена на проба, по што раководството ми понуди договор во траење од 1,5 години и јас со задоволство прифатив да го носам дресот на мостарци - вели Глигоров.
Десниот бек кој одлично се снаоѓа и како играч за врска, напролет го очекува битка за врвот во босанскиот шампионат.
-По есенската полуетапа заостануваме девет бода зад водечкиот Железничар и седум зад Сараево. Шансите за титула не се загубени, иако приоритет е да се избори пласман во европските купови. Во клубот владее добра организација, разбрав дека имаат солидна финансиска конструкција и останува да се фокусирам само на што подобри настапи за клубот - истакна Глигоров. 

alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.