Декември е месец на масовна преселба на македонски фудбалери во земји од Далечниот Исток. Егзотични земји како Мјанмар, Виетнам, Индонезија и Сингапур ги заменија традиционалните европски земји како Чешка, Словачка или Кипар, како најпосакувана дестинација за продолжување на фудбалската кариера. Прв повлече нога екс-играчот на Силекс, Глигор Глигоров, кој се пресели во дресот на сингапурскиот првак Тампинес. Следуваше трансфер и на поранешниот играч на Силекс, Младен Ристиќ, во дресот на Јангон од Мјанмар. По него замина и напаѓачот Николче Клечкаровски, кој го облече дресот на виетнамскиот прволигаш Да Нанг. Од пред два дена и Горан Ганчев од хрватскиот клуб Интер Запрешиќ се пресели во Индонезија, во тимот Медан. Последниот кој замина на печалба е дефанзивецот Никола Карчев, кој си замина од српскиот клуб Металац и стана играч на Јангон од Мјанмар.
-Никого не треба да чуди тоа што се случуваат масовни преселби на Далечниот Исток. Таму фудбалот е во невидена експанзија, клубовите се финансиски моќни и играчите одлично заработуваат. Она што го видов во Мјанмар пријатно ме изненади, иако сеуште заостануваат зад Кина, Јапонија или Јужна Кореја – ни рече Карчев.
Македонската колонија на Истокот досега ја претставуваа Александар Бајевски (Индонезија) и Филип Маџовски (Виетнам), но голманот деновиве се врати во земјава и потпиша двегодишен договор со тимот на Работнички.