Металург - Силекс 1-2 (1-0)
стрелци: 9’ Петковски - 72’ Нацев, 77’ Заревски
Вистинско изненадување се случи на Железарница каде сите очекуваа сигурен и убедлив тримф на Металург. Но така не мислеа избраниците на тренерот Ане Андовски и во вториот дел постигнаа два погодоци, доволни за триумф на Силекс. Пресвртот го најави нововлезениот џокер Ангел Нацев, а трите бода ги донесе Заревски со вистинска мајсторија кога испомеша 2-3 домашни играчи и погоди за голема победа.
Напредок - Пелистер 3-1 (1-1)
стрелци: 19’ 74’ Левков, 73’ Наумовски - 45’ Миленковски
За разлика од Железарница, Напредок не дозволи да се случи изненадување на натпреварот против Пелистер. Најпрво кичевци поведоа со 1-0, а Пелистер пред истекот на полувремето изедначи на 1-1. Во вториот дел, Напредок постигна уште погодоци, од кој за одбележување е последниот гол на натпреварот, кога Левков со прекрасен удар со ножички го совлада голманот на Пелистер.
Работнички - Ренова 1-1 (1-1)
стрелци: 9’ Маневски - 45’ Али
Дерби дуелот на “Филип II“ помеѓу минатогодинешниот шампион и вицешампионот заврши со поделба на бодовите од кои сепак позадоволни можат да бидат гостите од Џепчиште и тоа само поради тоа што сега се лидери на табелата. Работнички ја продолжи агонијата на домашен терен каде сеуште нема забележано ниту една победа сезонава. Во текот на вториот дел Ренова беше поконкретна и беше поблиску до победнички погодок, но натпреварот сепак заврши 1-1.
Тетекс - Вардар 3-2 (0-1)
стрелци: 73’ Захариевски, 75’ 85’ Ристовски - 5’ 87’ Ѓурѓевац
црвен картон: 74’ Исени (Т)
Највозбудливиот натпревар ова коло се одигра на Градскиот стадион во Тетово, каде се сретнаа старите познаници, Тетекс и Вардар. На изненадување на сите присутни Вардар поведе уште во 5. минута преку Фахрудин Ѓурѓевац. Со овие 0-1 се замина на полувремето, а во вториот дел откако тренерот на Тетекс, Тони Јакимовски, изврши три измени паднаа и головите за Тетекс. Најпрво Захариевски погоди за 1-1, а само две минути подоцна џокерот од клупа, Милан Ристовски стрелаше за целосен пресврт. Во 85 минута Ристовски го постигна и третиот гол за Тетекс за водство од 3-1, а на три минути до крајот Ѓурѓевац постигна вистински еврогол за конечни 3-2.
Брегалница 2008 - Хоризонт Турново 1-0 (0-0)
стрелец: 80’ Новаков
Досегашниот лидер на табелата, екипата на Хоризонт доживеа пораз во еден фајтерски меч во кој шансите како на филмска лента се менуваа и пред двата гола. Наместо да се случи вистинска голеада, натпреварот беше решен со еден погодок и тоа на 10 минути до крајот, кога централниот дефанзивен играч на Брегалница, Влатко Новаков погоди за три бода за Брегалница.