Интервју со Ненад Димитријевиќ, "чудото од дете" кое ја стресе кошаркарска Европа
13-годишен Македонец ќе ја покорува Шпанија
пишува - Оливер Арсовски
Се вика Ненад Димитријевиќ и е Македонец. Тринаесетгодишното момче стана европска кошаркарска сензација – вака пред една недела го опиша шпанска "Марка" македонскиот кошаркарски бисер. Откако им подели вистинска лекција на своите врсници во Шпанија, каде постигна дури 76 поени на три натпревари во дресот на Хувентуд, веднаш стигна и понудата од тимот од Бадалона. Одлуката е донесена, Нено во следните четири години ќе биде играч на Хувентуд, а преселбата ќе се случи во септември, кога кошаркарскиот "вундеркинд" од скопски Аеродром ќе го заврши основното образование.
Кои се твоите впечатоци од кошаркарскиот турнир во Шпанија? Таму имаше импресивни настапи против своите врсници, со кои ги освои симпатиите на кошаркарска Европа. Дури и престижниот дневен весник "Марка" објави текст за тебе.
Ненад: Презадоволен сум од мојот настап на турнирот во Шпанија. Градот Бадалона е прекрасно мало и мирно градче кое излегува на море. Голема благодарност до клубот Хувентуд кој ми овозможи да играм за нив и да го покажам тоа што најдобро го знам. Хувентуд важи за клуб кој најдобро работи со млади играчи во Шпанија. Искуството кое го добив на овој турнир за мене е непроценливо и се надевам дека ќе ми помогне во понатамошната кариера.
Доби ли понуда да останеш во Шпанија за да го надградиш огромниот талент со кој располагаш?
Ненад: Во овој момент не знам ништо, татко ми е задолжен за тие работи. Моја обврска е напорно да тренирам, а за мојата кариера е одговорна шпанската агенција Youfirstsports, која ме застапува и ќе ја избере најдобрата понуда. Јас би сакал тоа да биде Хувентуд.
Дали потекнуваш од спортско семејство?
Ненад: Да, потекнувам од спортско семејство, татко ми Саша е поранешен кошаркар, а и денес работи како тренер. Мајка ми играла кошарка во Симекс, денешен Вигор. Спортските настани во нашиот дом се секојдневие, и сестра ми Марија (8 години) тренира кошарка и е многу талентирана.
Имаш ли омилени кошаркари и клубови во Македонија и странство?
Ненад: Омилен играч и идол од НБА ми е Леброн Џејмс, а од Евролигата Бо Мекелеб. Бидејки живеам во Аеродром, мој омилен клуб ми е МЗТ Скопје, а навивам и за Партизан и Мајами.
На која позиција се снаоѓаш најдобро?
Ненад: Најдобро се снаоѓам на позиција 2 - бек шутер, но не ми е проблем да играм и на позиција 1 како плејмејкер.
Успеваш ли да најдеш време и за школските обврски и за тренинзите? Имаат ли разбирање наставниците за твоите отсуства?
Ненад: Ја сум осмоодделенец во ОУ "Лазо Ангеловски" и сум многу благодарен на директорот и на сите наставници кои имаат огромно разбирање за моите кошаркарски активности и обврски.
Кажи ни збор-два за твоите планови во иднина, кои се твоите желби, за што мечтаеш?
Ненад: Сега ми е најважен настапот за репрезентацијата на Македонија на турнир во Романија за играчи родени 1997 год., бидејќи во репрезентативниот дрес секогаш се чуствувам прекрасно. На клупски план, сакав кариерата да ја продолжам во Шпанија, и еве таа желба благодарение на Хувентуд ќе ми се оствари.