ШАМПИОНКА НА КОЈА И ОДИ ДОБРО И ВО СПОРТОТ, И ВО СТУДИРАЊЕТО И ВО ЉУБОВТА
Ти важеше за потенцијална шампионка уште пред првенството во Цирих, бидејќи на претходниот шампионат го освои второто место. Во кој момент беше сигурна дека златниот медаљ е твој? Дали и пред финалето?
Не бев многу сигурна дека ќе станам шампионка, но искрено се надевав и очајно посакував. Затоа дадов максимум од себе, влегов со позитивна мисла и со огромна мотивација, зашто знаев дека тие моменти се единствени и морав да ги искористам.
Зошто едно девојче се определува на почетокот за каратето, и зошто една девојка, му останува верна со години?
Јас почнав да тренирам карате на деветгодишна возраст сосема случајно, а најпрвин ме привлекоа белите кимона. Бидејќи бев мошне темпераментна како мала, сигурно дека каратето во тој момент беше најдобриот мој избор. Но, најверојатно останав толку долго во овој спорт заради успесите кои ги постигнував уште од најраните години. Освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство во Јоханезбург во 1996 година, кога имав 13 години беше отскочна штица за толку длабоко да навлезам во овој спорт.
Колку часови дневно тренираш и што ти е најтешко, а што најубаво кога си во кимоното?
Тренираме секојдневно по два часа, а во периодите кога имаме натпревари и по два пати во денот. Нормално дека борбите како дел од тренингот се најтешки, зашто бараат голема концентрација за да не дојде до повреда. Инаку, најомилен дел од тренинзите ми е кога вежбам директни контранапади. Токму по тоа и сум препознатлива во борбата, иако работам и се’ останато.
Се согласуваш ли со тезата дека каратето е премногу груб спорт? Си имала ли досега повреди или слични непријатности?
Па, не би рекла дека е премногу груб спорт, а јас не сум имала особено тешки повреди. Единствената посериозна повреда ја имав пред две години, кога скршив три коски на левата дланка, при пад на татамите. Дури сметам дека веројатно има повеќе повреди во другите спортови - фудбал, ракомет и слично.
Како се подготвуваш за мечевите, имаш ли некоја посебна „процедура“, односно начин на концентрација?
Денот пред самиот настап доста размислувам за тактичниот дел во однос на различните противници со кои можам да се сретнам, но на самиот ден се трудам да се мотивирам позитивно и да влезам со верба дека ќе победам во борбата. Едноставно давам максимум од себе.
Колку навиките стекнати во спортот ги применуваш во секојдневниот живот?
Каратето е мој начин на живот и тоа влијаеше во секој аспект на мојот живот. Ме направи, пред се’, многу дисциплинирана, упорна и истрајна.
Зошто кога запишуваше факултет се определи за електротехничките науки, а не за нешто директно поврзано со спортот, како што прават повеќето талентирани спортисти, и какви ти се професионалните планови за следните неколку години?
Пред запишувањето на факултет приоритет давав на училиштето и бев многу активна. Одев на натпревари по математика и по физика и постигнував успеси на републичко ниво. Токму афинитетот кон природните науки ме натера да се запишам на ЕТФ, а и поради перспективноста. Завршив во рекордно време и работев една година во софтверска фирма, но поради желбата да успеам во каратето решив целосно да му се посветам, така што во блиска иднина се’ уште ќе бидам само со спортот, а во подалечната иднина се надевам дека ќе работам во некоја софтверска компанија.
Во врска си со твоето момче повеќе од десет години, што значи уште од средношколските денови. Колку ти е значајна мирната љубовна состојба за успех во учењето и во спортот?
Поддршката што ја имам од Никола сиве овие години нормално дека ми значи многу. Тој ми помогна и во деновите кога ми беше многу тешко и напорно. Секогаш имав кому да се потпрам, на кого да раскажам, кој да ме ислуша, да ме орасположи... Но, и моето семејство ми дава огромна поддршка во се’ што работам, па затоа и сум многу среќна и успешна.
Дали некогаш си пропуштила некој настап за да бидеш со момчето?
Никогаш. А, не верувам и дека тој сакал такво нешто, зашто знае колку ми се важни натпреварите и каратето. Дури секогаш инсистира да го известам кога имам натпревар за да дојде и да ме поддржува.
Најави дека наскоро е можно да влезете во брачните води. Дали ќе продолжиш со кариерата и во тој случај, или тоа ќе значи збогување со официјалните настапи?
Хахаха,уште малку, уште малку...Постојано така велиме и двајцата. Нормално дека сакам да формирам семејство, но ќе се жртвувам уште малку, бидејќи сум сигурна дека уште можам да носам резултати за Македонија.
Во која област ја гледаш својата иднина - електротехниката или во спортот?
Искрено, и во двете. Се гледам себе си и како програмер и како тренер. Се надевам дека ќе можам да ги искоординирам и двете професии. Но, како и да е, сигурно е дека на каков било начин ќе бидам инволвирана во карате спортот и ќе се трудам да придонесам за негов развој и популаризација.
Интервјуто е позајмено од страната www.intervjua.com.mk