Новиот шеф на стручниот штаб на Силекс, Мирослав Јаковљевиќ, денеска ги стартуваше летните подготовки на стадионот во Кратово. Над 20 фудбалери се појавија на зелениот тепих, меѓу нив и неколку играчи на проба. Забележливо беше отсуството на петмината суспендирани играчи обвинети за матни игри и местење натпревари.
-Денеска имав прва средба со играчите на Силекс, кусо запознавање и лесен тренинг. Недостигаа неколку квалитетни фудбалери, кои деновиве ќе ни се придружат на подготовките. Покрај она што го имам на располагање, ќе се заложам да доведеме по еден квалитетен играч во сите линии на тимот. Рано е да давам некакви прогнози, но се надевам дека со добри подготовки ќе оствариме добар пласман во новата сезона - изјави Јаковљевиќ.
Покрај суспендираната петорка, чија судбина е неизвесна, Силекс летово го напуштија Благојче Главевски и Влатко Коцев, а пристигна повратникот Немања Иванов од Србија.
На денешниот прв тренинг, покрај голманот Симов, бранеше и кратовчанецот Мартин Богатинов. Сепак, шансите тој повторно да застане на голот на Силекс се минимални, затоа што репрезентативецот е во потрага по ангажман во странски клуб. Оливер Арсовски