Капитенот Никола Мишовски и десниот бек Дарко Костадиновски засега се единствените фудбалери кои си заминаа од редовите на прволигашот Силекс. Костадиновски, кој ретко и добиваше шанса, сам побара и доби исписница, додека на Мишовски му заврши договорот.
-Имам неколку интересни понуди од домашни и странски клубови, но засега немам донесено никаква одлука. Ја чекам најдобрата понуда, иако не е исклучено да останам барем уште шест месеци во мојот драг Силекс и налето да заминам – ни изјави Мишовски.
Кратовци завчера ги започнаа подготовките, и во зависност од временските услови, ќе тренираат на својот терен и во соседното Ранковце. Тренерот Ане Андовски на 3 февруари планира тимот да се пресели на брегот на Охридското езеро, каде ќе се остане 20 дена.