
Македонскиот фудбалски интернационалец Мартин Богатинов го раскина договорот со украинскиот клуб Карпати и во зимскиот преоден рок ќе може да побара нова фудбалска средина како слободен агент. Тој долго преговараше и се измачуваше со раководството на Карпати, кое инсистираше тој да го продолжи договорот, но под нови, понеповолни услови, што Богатинов го одби, па затоа во еден период беше и во немилост на стручниот штаб, но по „наредба“ на раководните луѓе на клубот, како еден вид дисциплинска мерка. Откако го загуби првотимскиот статус во Карпати, тој во последниот период не добиваше повик и во фудбалската репрезентација на Македонија.
Сега на маките на Богатинов им дојде крај, тој ќе може во јануари да побара нов клуб, и тоа како слободен играч. Останува да се види дали и понатаму ќе остане во Украина или пак ќе се пресели во некоја друга земја.
www.ekipa.mk