Пелистер како повратник во првата македонската фудбалска лига остана непоразен и во второто коло, откако денеска освои голем бод на едно од најтешките гостувања. Силекс има силен тим и кратовчани се наши претставници во фудбалска Европа, но немаа решение за незгодните гости од Битола кои иако губеа со 2:1, на крајот се изборија за драгоцен бод. Во пресрет на дуелот со Карабах во Лигата на шампионите, играчите на Силекс одиграа исклучително офанзивен натпревар против Пелистер, но на крајот мора да се задоволат само со реми.
Резултатот го отвори гостинскиот тим преку голот на Фазлиу во раната фаза во шестата минута, додека пред крајот на првиот дел, Силекс израмни преку Мустафов за 1:1.
Домашниот тим направи пресврт и поведе со 2:1 преку Ивановски во 53-та минута, но на 15 минути пред крајот, битолчани го возвратија ударот и израмнија со голот на Танушев кој маестрално биеше од слободен удар.
По две одиграни кола, и двата тима имаат по четири освоени бода, па во овој момент и Пелистер и Силекс се на делба на првото место.
Горан Симов, тренерот на Силекс, даде коментар по ремито против Пелистер (2-2) и истакна дека искрено жали што неговата екипа не успеала да победи. Кратовчани направија пресврт, имаа контрола на играта, но едно невнимание од прекин им донесе бод на битолчани.
„Лошо влеговме во мечот, гостите ни дадоа брз гол, меѓутоа потоа имавме потполна контрола и го свртевме резултатот. И ние немавме некои сериозни шанси, преку Драшковиќ беше најсериозната преку корнер, Пелистер играше солидно во одбраната, но топката беше кај нас. Се обидовме да пробиеме, а откако не успеавме, Танушев покажа индивидуален квалитет по еден прекин и успеа да донесе бод за Пелистер. На крај, тоа е тоа. можеме да жалиме“, рече Симов.