Кратовецот Мартин Богатинов ќе брани во Ливерпул
пишува - Оливер Арсовски
Мартин Богатинов, голманот на Работнички, вечерва ќе биде на големи маки да го сочува голот на гостувањето против европскиот гигант Ливерпул. Тој е првиот кратовец кому му се укажала несекојдневна прилика да игра на еден величествен стадион како „Енфилд“. Единствено поранешниот голман Кире Трајчев имал можност во дресот на репрезентацијата да брани на неколку големи европски стадиони. На 24 часа пред дуелот со Ливерпул, голманот Богатинов ни ги пренесе своите впечатоци и очекувања од овој дуел.. -Нема да биде лесно да се одбрани мрежата на еден таков величествен стадион како „Енфилд“, кој се очекува да биде преполн со публика, можеби околу 40.000. Најавите се дека овојпат ќе настапат и ѕвездите на Ливерпул, што значи дека опасноста ќе доаѓа од сите страни. Најмногу стравувам од Џерард и новоангажираниот Џо Кол, кој ќе сака да се покаже во најдобро светло пред домашната публика. Во овој момент не чувствувам никаква паника, можеби само малку трема. Сепак, еднаш во сто години се игра меч со Ливерпул, па затоа ќе дадам се од себе да се покажам вo најдобро светло - ни рече Мартин Богатинов.