Голема победа за големи три бода и исчекор кон Првата лига. Вака накусо може да се опише вчерашната победа на КМФ Кратово над директниот конкурент за влез во елитата, составот на Цико од Стојаково. Ако триумфот од 3-2 е извојуван на 8 секунди пред последниот судиски свиреж, тогаш уште послатка е победата и поголема е редоста кај навивачите и подржувачите на КМФ Кратово.
А тргна добро мечот за домашниот состав, кој во 16-тата минута поведе со голот на Никола Јовановски. Со резултат 1-0 се замина на полувреме, но гостите по само една минута во вториот дел го израмнија резултатот. Повторно кратовци тргнаа во потрага по трите бода, а не помогна ниту исклучувањето на еден гостински играч и играчот повеќе на теренот. Сепак, отпорот на гостите беше скршен во 32-та минута по една соло акција на Горан Арсовски, кој со леснотија ја затресе мрежата. Во меѓувреме кратовци вршеа притисок, дури трипати ја тресеа конструкцијата на голот, па казната ги стигна. На три минути пред крајот гостите израмнија и ја замолчаа домашната публика. Не беше лесно да се биде во кожта на стратегот Никола Јосифовски, кој на овој меч ги немаше на располагање повредениот Александар Стојановски, како и отсутниот Драган Стефанов, но затоа на овој меч шанса добија и ја оправдаа Антовски, Николовски и Мирков.
И кога веќе цела сала беше на нозе, а Цико во полн налет и кога само чудесните одбрани на Јованче Ивановски го спасуваа домашниот тим од пораз, на десеттина секунди пред крајот тргна секавична контра на кратовци, по која Никола Јовановски ја затресе мрежата за делириум на трибините и конечни 3-2. Семафорот покажуваше уште осум секунди до крајот, недоволни за израмнување, по што следуваше ерупција од одушевување на трибините и на теренот, славје и радост затоа што елитата е на само чекор, а последната пречка се вика Шкупи.