Футсалот е новата забава за кратовчани, а за тоа најзаслужни се фудбалерите на КМФ Кратово, кои пролетва се незапирливи и газат се пред себе. Последната жртва на менито на кратовци беше досегашниот лидер Шкупи, кој по денешниот убедлив пораз од 5-2 беше принуден да ја отстапи лидерската позиција на КМФ Кратово. Дуелот на двете најдобри екипи во Втората лига донесе нерамноправен меч во кој кратовци му одржаа лекција на составот од Чаир, декласирајќи го со три разлика. Иако ослабени без Стојановски и Начковски, кратовци тргнаа фуриозно и уште во 7 минута поведоа преку соло-акцијата на Горан Арсовски. Шкупи пет минути подоцна го возврати ударот, а на ново водство на домаќините се чекаше до 19-та минута. Шестте фаула значеа пенал за Кратово и реализација на Лампевски за 2-1, а на минута пред полувремето уште еден одличен потег на Арсовски за 3-1.
Во вториот дел се играше мирно се до 38-та минута, кога атмосферата во салата зовре, навивачката група „Грофови“ здиве, а причина беше погодокот на Даниел Лампевски. На минута пред крајот голманот Јованче Ивановски капитулираше за 4-2, иако претходно имаше најмалку 4-5 чудесни интервенции. На неколку секунди пред крајот Драган Стефанов од својата половина го погоди празниот гол на гостинскиот тим, поставувајќи ги конечните 5-2.
Тоа значеше огромно славје за составот на стратегот Никола Јосифовски, кој дефинитивно ги склопи сите коцки во мозаикот и изгради еден шампионски состав кој допрва има да покаже колку вреди.
ТАБЕЛА
1.КМФ Кратово 47
2.КМФ Шкупи 46
3. КМФ Цико 36 (-1)
4. КМФ Рудник Саса 29 (-1)