Кризата во редовите на Силекс продолжува, на гостувањето во Кичево е забележан и четвртиот пораз во низа. Кратовци по четири кола се заковани за днотот, без бодови. Во просечен фудбалски натпревар без многу прилики за гол, Напредок ги освои трите бода со голот на Клечкароски во 19 минута. Инаку како што се очекуваше Напредок тешко дојде до бодовите, бидејќи гостинот од Кратово по традиција во Кичево игра отворено и без калкулации.
Никанчески пресече една топка на средината од теренот ,во празно го проигра слободниот Клечкароски, кој откако направи чекор-два со силен и прецизен удар ја затресе мрежата на Божиноски, кој се чини можеше и подобро да интервенира при овој удар.
Голманот на Напредок Горан Пашоски, без грешка ја чуваше сопствената мрежа и не им дозволи на гостинските напаѓачи да се радуваат на овој натпревар.
-Беше повеќе од јасно дека Силекс нема така лесно да се предаде и да ни ги препушти бодовите. Сепак ние навремено успеавме да го отвориме резултатот, по што беше многу полесно да се креира игра и да се создаваат прилики за гол. Исто така проблем беше тоа што во нашиот состав имавме четворица фудбалери кои десетина дена речиси и не тренираа, што придонесе во финишот од натпреварот да ја немаме потребната свежина.Седумте бода по четирите првентвени кола се одлично остварување за нас и оваа бодовна залиха е добра претпоставка пред продолжувањето на првенството.
Во следното коло Силекс е домаќин на тетовски Тетекс.