Силекс
Симов, Насевски, Мицков, Стојчевски, Џонов, Танушев, Илјази (74’ Младеновиќ), Мавров (65’ Гуцев), Ацевски, Јонузи (46’ Недељковиќ), Каланоски
Хоризонт
Димовски, Ташев, Илиев, Крстовски (73’ Петров), Тодоров, Божинов, Иванов, Мерсовски (46’ Ефремов), Радојчиќ (86’ Танчев), Јанев, Темелков
Многу потешко од очекувањата, но сепак заслужено, кратовци стигнаа до предност од еден гол пред реваншот во Турново. Експериментот на стручниот штаб на кратовци, во кој вчера го немаше Митевски поради службено патување, со само три-четири првотимци и многу „резервисти“ можеше да ги чини пораз, но на крај заврши со хепи-енд. Турновци, во најдобар состав и наострени до максимум, најавија уште во деветата минута дека ќе има неизвесен меч во Кратово. Мерсовски со финта го мина голманот Симов, но дозволи од зад грб да му се прикраде Џонов и да ја исфрли топката во корнер.
Во 25-тата минута Илјази од 20 метри ги тестираше рефлексите на Димовски, кој бравурозно одбрани. Но, десет минути подоцна Димовски не можеше ништо да стори кога екс-турновецот Танушев побегна на гостинската одбрана и од 12-13 метри ја затресе мрежата на турновци.
Одлична можност да ја удвои предноста на Силекс пропушти Јонузи во 39-тата минута, откако го совлада голманот Димовски, но недоволно силниот удар на гол-линијата го запре Јанев.
Вториот дел започна со иницијатива на кратовци, а резултатот остана непроменет, затоа што Ацевски наместо мрежата, ја раздрма конструкцијата на голот во 50-тата минута. И, како што е вообичаено во фудбалот, казната стигна на спротивната страна, каде Божинов доби одлична топка на пеналтикот и со удар под пречката донесе израмнување. Две минути подоцна Крстовски можеше да го сврти резултатот, но Симов одбрани. Силекс возврати преку Стојчевски, но неговиот удар заврши над пречката. И Каланоски можеше да погоди, но неговиот удар од само 6-7 метри беше изблокиран.
И кога се играше судиското надополнување, се случи клучниот момент на средбата. Триумфот на кратовци е дело на нововлезениот Недељковиќ, човекот над кој во првите три кола беа направени три пенали. Така беше и овој пат, напаѓачот велемајсторски го наседна Иванов во шеснаесетникот, а арбитарот Стојанов оправдано покажа на белата точка. Иако досега Недељковиќ ги изведуваше ударите од белата точка, овојпат тоа задоволство му го препушти на Каланоски, кој го запиша својот гол-првенец во дресот на Силекс. О.Арсовски