Агонијата на кратовци која трае цела сезона, уште повеќе се продлабочи по вчерашниот (без)болен пораз од Тетекс во рамките на националниот Куп. На се наликуваше дуелот меѓу двете последно пласирани тима на прволигашката табела, само не на полуфинална пресметка за квалификување во финалето на националниот Куп. На едната страна потполно демотивиран домаќин, кој за цели 90 минути, верувале или не, не упати ниту еден удар во рамките на голот. Голманот на тетовци, Ванче Манчевски, слободно можеше да распали скара зад голот и да истера еден убав „сончев пикник“ во Кратово, бидејќи единствените два удара кон неговиот гол завршија „во облаци“.
Ако веќе приказната во првенството е предвреме завршена, тогаш малубројната публика очекуваше барем малку повеќе залагање од домашните фудбалери за најлошата сезона во историјата на Силекс да заврши со учество во финалето на Купот. До такво нешто не дојде затоа што најмалку пет играчи на Силекс статираа на теренот, а нивниот однос кон играта најдобро го илустрира изјавата на новоназначениот тренер Трајче Сенев, кој по мечот изјави дека „петмина во поле играле против петнаесет противнички играчи“. За домаќините толку, затоа што повеќе и не заслужија.
Што се однесува до гостинскиот тим, „штофарите“ знаеја што сакаат, имаа контрола над играта, додуша не создадоа зрели прилики, но ја искористија единствената која им дојде како подарок од домашната одбрана. Се играше 83-тата минута кога пред голот на кратовци се создаде мешаница, по која домашните фудбалери во 2-3 наврати се обидуваа да ја исфрлат топката во поле, но не успеваа да ја шутнат подалеку од 3-4 метри. По неколку карамболи, топката стигна до нововлезениот „џокер“ Настевски, кој со силен удар по земја го пронајде патот до мрежата.
Радоста на тетовци по постигнатиот гол беше огромна, затоа што имаат позитивен резултат кој речиси им гарантира финале, но и демотивиран противник од кој тешко е за очекување дека ќе направи пресврт на реваншот. О.Арсовски
Гол...
83’ 0-1 Петковски откосо упати удар кон голот на Божиновски, но топката беше изблокирана, по што се создаде мешаница во петерецот, топката одеше од нога до нога за да заврши кај Настевски, кој со силен удар по земја го матираше голманот на Силекс.
Трајче Сенев
Победата на Тетекс е сосема заслужена и им честитам за постигнатиот резултат. Јас одржав само еден тренинг со моите фудбалери, но играчите на Силекс сум ги гледал многупати порано и добро ги познавам. Но, на дуелот со теткс најмалку петмина од нив не можев да ги препознаам на теренот, како да не играа за Силекс. Промени ќе мора да има, затоа што вака не може понатаму. Шансите во Купот и првенството се теоретски, но не се предаваме се додека има и најмала надеж.
Горазд Михаилов
Победата на мојот тим е сосема заслужена и им честитам на моите фудбалери за триумфот. Завршивме голем дел од работата, но остануваат уште деведесет минути за да го завериме учеството во финалето. Силекс сигурно нема да се предаде, но шансите се на наша страна. Ова победа е поттик да ја продолжиме серијата без пораз и во првенството и да се обидеме да обезбедиме опстанок